Штипското јавно претпријатие „Стипион“ најавува нов ценовник за наплата на паркинг-местата во централното градско подрачје. Директорот на ЈП „Стипион“-Штип, Сашко Протогеров вели дека новиот ценовник се изготвува. Повисоки цени ќе има за закуп на паркинг простор и за оние граѓани кои работат во институциите во центарот и плаќаат месечни или годишни билети.
– Предлагаме цените да се вратат на она ниво, кое беа пред декември 2016 година. Дневните билети и повластените билети за жителите, кои живеат на улиците каде се наплаќа паркинг просторот нема да бидат воопшто покачени, вели Протогеров.
Тој појаснува дека засега ова е само најава, а новиот ценовник доколку се изготви ќе биде доставен наредниот месец до Советот на Општина Штип. Предлозите во новиот ценовник се зголемување на закуп на паркинг простор, или враќање на цената од пред речиси две години, кога изнесуваше 28.000 денари, а за граѓаните кои работат во институциите и фирмите во центарот месечниот билет сега го плаќаат по 160 , а новата цена ќе им изнесува 500 денари. Што се однесува за годишниот билет, кој чинеше 1.000 денари, по новиот ценовник ќе изнесува 5.000 денари. Инаку, се носи и нов Правилник за паркинг просторот низ градот Штип. Протогеров појаснува дека новината е за оние фирми или лица кои имаат закуп на паркинг месатата.
– Со претходната одлука имаше шаренило на паркинг местата. Предлагаме тие да бидат групирани и не повеќе од 10 % да зафаќаат на една улица, вели Протогеров.
Дел од фирмите кои имаат закупено простор и имаат ставено мали рампи на паркинг местата ќе мора да ги отстранат. Ваквите паркинг места ќе бидат обележани со хоризонтална сигнализација и табли.
Во Штип има над 500 платени паркинг места, кои на претпријатието му носат прилив на средства од 4.000 до 5.000 евра.