Нов објект за Специјалната болница по гинекологија и акушерство во Чаир

Од:

Премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посетија Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, каде се завршени градежните работи.

Во комплексот на специјалната болница извршена е реконструкција на постоечки објект и негова адаптација за гинекологија и акушерство. Објектот е во форма на П буквата со десно, лево и централно крило и изведен е како доградба на постоечки постар објект.

„Во оваа болница се инвестирани над 4,5 милиони евра, а инвестицијата само во градежниот дел е околу 170 милиони денари“, рече министерот Тодоров.

Тој додаде дека од Министерство за здравство има набавка во делот на кревети и останата медицинска опрема во износ од над 300 илјади евра, која е потребна за ставање на овој објект во функција со пациенти.

Бенефитот од зградата, како што рече министерот, ќе имаат околу 3.000 мајки годишно, бидејќи толкав е бројот на годишното породување во оваа болница.

По инсталирањето на опремата во наредните 60 дена, според него, пристапот до болницата ќе биде строго ограничен поради можност од јавување на интерхоспитални инфекции.

На прашањето дали има доволно кадар во болницата, Тодоров одговори дека има идеја за обезбедување дополнителни шест специјализации од делот на вработените во болницата, вработување на нови двајца доктори и еден електро-инженер, кој треба да се грижи за новата опрема.

Во врска со штрајкот на здравстевните работници, министерот Тодоров рече дека разговорите со Синдикатот се во континуитет.

„Повторно има допис, кој го гледам како нов ултиматум. Гледам дека ја укинале одлуката која беше донесена за започнување на штрајк. Де факто се признава дека правните аспекти на претходниот штрајк не биле запазени и оти имало правни недостатоци во целата одлука, а со тоа се потврдува нашата загриженост дека организирање незаконски штрајк може да има сериозни последици и по луѓето што се во штрајкувачкиот обор и по Синдикатот, но и по целиот здравстврен систем“, рече Тодоров.

Ресорниот министер нагласи дека не сака да дискутира со Синдикатот преку медиумите, бидејќи така се намалува довербата и се одалечуваат двете страни.

Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ датира од крајот на деведесеттите години од минатиот век.

Од градежен аспект, на објектот е извршена целосна замена на кровната конструкција со нова, замена на дотраената фасадна столарија, изведена е нова термоизолациска фасада, комплетно се заменети водоводната и канализациска инсталација, електро инсталацијата, вградени се нови подови и плафони, нови санитарни јазли со санитерна опрема, изведена е топла врска на првиот кат меѓу стационарот и родилниот блок, изградени се нови подстаници за машинство и медицински гасови, инсталирани се медицински гасови во сите простории каде што се потребни вклучувајќи ги и болничките соби, зголемена е моќноста на трафостаницата, инсталирани се нов дизел агрегат и топлотна пумпа-чилер.

Целиот објект има вградено најсовремен централен систем за климатизација и вентилација, противпожарен систем со автоматска дојава на пожар, два болнички лифта и два товарни лифта, компјутерска и телефонска мрежа и систем за видео надзор.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство