Нов контингент на АРМ замина во мисија во Авганистан

Од:

Во касарната „Јане Сандански” во Штип,  денеска се одржа свеченост по повод испраќањето контингент на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.

Во  мисијата ИСАФ ќе учествува персонал во вкупна бројка од 156 старешини и професионални војници. Исто така составот на овој контингент е од мешан етнички и полов состав, во него се застапени преставици од сите заедници,  меѓу нив над 40-тина од  албанската заедница, потоа од влашката, српската, ромската националност, како и пет припаднички од понежниот пол.

За време на траење  на мисијата составот ќе извршува најразлични должности од кои најзначајната и најодговорната  е обезбедувањето на главниот штаб на мисијата ИСАФ, патролирање во зоната на одговорност во Кабул, борбено обезбедување на комуникации и области во зависност и од потребата на мисијата.

На свеченоста се обрати министерот за одбрана на Фатмир Бесими кој претходно разговараше со припадниците на контингентот за нивната подготвеност да одговорат на задачите кои им престојат во текот на мисијата.

– Многупати досега е повторувано огромното значење на мисијата во Авганистан, пред сè за меѓународниот углед и за позицијата на нашата земја, за нејзиното евроатлантско интегрирање и за општите консеквенци по светскиот и регионалниот мир и безбедност. Историјата на нашите миротворци во Авганистан ги потврдува одличните резултати кои ги постигнуваат припадниците АРМ со својот професионализам и одговорност кон задачите што од нив ги бара благородната мисија, оцени Бесими.

Тој нагласи дека екстремно сложените, безбедносно-ризични и воено-чувствителни услови во кои тие дејствуваат во рамки на меѓународната мисија ИСАФ во тој нестабилен регион, му дава апсолутно право, како што подвлече, да ги наречам светски миротворци и најголеми репрезенти на Република Македонија надвор од границите на нашата држава.

Министерот за одбрана потсети дека со преставниците од Армиите на земјите членки на  НАТО, „рамо до рамо“ војниците на АРМ споделуваат исти одговорности далеку од своите родни домови, ги исполнуваат предвидените задачи и, констатира, ќе се вратат побогати за уште едно успешно искуство во нивната воена биографија.

– Многупати до сега истакнав дека од земја увозник на мир станавме земја која го извезува мирот. Научените лекции кои нашите мировници ги стекнаа за време на десет годишната посветеност во Авганистан едноставно се поклопуваат со заклучоците кои официјалните политички претставници на земјите членки на НАТО, но и експертите ги втемелија во Новиот стратешки концепт од ноември 2010та година. Имено, согледувајќи ја комплексноста на современите закани, на земјите членки, покрај останатото им стана јасно, а тоа недвосмислено го подвлекоа и во новиот стратешкиот документ дека за да се даде ефективен одговор потребен поинаков и сеопфатен пристап, рече меѓу другото Бесими.

Од Штип министерот Бесими упати пораки дека НАТО ја препознава важноста од соработката со земјите партнери, јасно изразена преку рамки и насоки поставени во т.н. „кооперативна безбедност“, а во склад со стекнатото искуство е и потребата од поинаков пристап кон современите безбедносни закани односно важноста на цивилно – воената  соработка за оперативниот успех.

На испраќањето на контингентот на АРМ за мисијата ИСАФ присуствуваа високи претставници од државниот и воен врв, како и претставници од локалната самоуправа и други цивилни авторитети од зоната на одговорноста на бригадата, роднините на припадниците од контингентот и други гости.

Би можело да ве интересира

Отворен ден на АРМ по повод годишнина од членството на Македонија во НАТО

А1он

ВМРО-ДПМНЕ: Власта да ја стопира набавката од 250 милиони евра за транспортни хеликоптери во изборен период

Отворен ден на Армијата по повод четири години од членството во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата

Армијата за 230 милиони евра ќе се опреми со осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо хеликоптерс“

Објавен jавен оглас за прием на 300 нови професионални војници во Армијата

Нови 150 професионални војници во редовите Армијата добија договори