Завршена е третата фаза од реконструкцијата на пристапниот пат Драчево–мотел „Китка“ во должина од 530 метри. Носител на проектот е Центарот за развој на Скопскиот плански регион, а средствата во висина од 2.849.650 се обезбедени од Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој и од општина Студеничани, како партнер на проектот.
Патот во употреба го пуштија претседателот на Скопскиот плански регион и градоначалник на општината Ѓорче Петров Сокол Митровски и градоначалникот на општина Студеничани Азем Садики.
Предвидено е пристапниот пат да се реконструира во фази, каде ќе се направи непрекината целина која почнува од Пеленица, населба Драчево до Спортско-рекреативниот центар мотел Китка. Овој патен правец ги поврзува селата Пагаруша, Вртекица, Долно Количани, Горно Количани, Црвена Вода, Алдинци-општина Студеничани, селото Палиград-општина Зелениково и манастирот во Пеленица, општина Кисела Вода.