Нотарската комора на Република Македонија ги отфрли како невистинити вчерашните тврдења на претседателот на Адвокатската комора Никола Додевски дека нотарите на штета на граѓаните го опструираат Законот за нотаријат.
– Нотарската комора одговорно ги демантира изнесените невистини дека нотарите го опструираат работењето на адвокатите и тврди дека нотарите доследно го спроведуваат во целост новиот Закон за нотаријатот, соопшти Комората.
Од 1 јануари годинава, кога почна примената на Законот, Нотарската комора, како што посочува, нема добиено иницијативи и претставки дека нотарите постапуваат спротивно на Законот за нотаријатот, а нема претставки ниту од Министерството за правда кое врши надзор над работењето на нотарите и Нотарската комора.
– Зачудува изјавата дека Адвокатскаста комора ќе поднесе барање за целосно менување на системот на нотаријатот и негово враќање во судовите кога е општо познато дека една од основните цели на реформата е судството да се растовари од неспорните предмети во кои влегуваат и платните налози и оставинските предмети, со истовремено усогласување со европското законодавство, додава Комората.
За разлика од претходниот период, укажува Комората, нотарите годишно решаваат преку 70 отсто од вкупниот број примени оставински предмети при што, против решенијата се поднесени околу 0,5 отсто приговори, додека во однос на нотарските платни налози се решени над 90 проценти од предметите, а против има три отсто приговори.
Нотарската комора ја отфрла како неточна и изјавата на Додевски дека министерот за правда упатил толкување на Законот, излегувајќи од своите ингеренции. – Се работи за мислење дадено од предлагачот на Законот со кое тој ја објаснува примената на член 22 од Законот за договорен залог кој предвидува дека може да се состави договор за залог во форма на нотарски акт или да се потврди договор во форма на приватна исправа составена од странките или адвокат што е неспорно и во согласност со новиот Закон за нотаријат, објаснува Комората.