Вчера во Општина Петровец по повод Денот на Бошњаците се одржа Фестивал на фолклорот „Коњаре 2018“ со што започна одбележувањето на овој празник. На фестивалот присуствуваа повеќе фолклорни групи кои се претставија со ора и песни од сите народи што живеат во Република Македонија.
На фестивалот присуствуваше градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски, пратеникот во Собранието на РМ, Зеќир Рамчиловиќ, претставници од Министерството за култура на РМ, претседателот на Бошњачки Демократски Сојуз, Мунир Колашинац, претседателот на Бошњачка Демократска Партија, Салко Куч, претставници на политички партии и здруженија и голем број Бошњаци од различни делови на нашата држава.
На присутните им се обрати пратеникот Рамчиловиќ, кој покрај честитките за празникот и гордоста што за прв пат се одржува фестивал во овој регион каде што живеат Бошњаци потенцираше: „Веќе подолг период не чувствувам никаква потреба да на било кого му објаснувам за името на еден стар европски народ. Но, не смееме да заборавиме дека пред повеќе од еден век ни го сменија името од Босна во Босна и Херцеговина, ни забранија да се изјаснуваме како Бошњаци, ни забранија да го нарекуваме босански својот јазик, се обидоа да не асимилираат, ни нанесоа геноциди…, некој интензивно се трудел да не нема. Токму затоа треба да го одбележуваме „28 септември“, денот кога го вративме своето вековно и единствено име, денот кога ја вративме својата национална гордост“.
Во рамките на одбележувањето Здружението Диван, објави збирка поезија „Мостови на пријателство 2“ поддржана од Министерството за култура, во која најмногу се застапени автори бошњаци од регионот со која симболично го честита денот на Бошњаците.
Денес се предвидени низа активности од кои за одбележување е трибината „Предизвици на босанскиот јазик кај бошњачката заедница во Република Македонија“ со почеток од 14.00 часот, со учество на јазичари, историчари од Босна и Херцеговина, Србија и Македонија. Од 18.30. во Домот на АРМ е промоција на книгата „Па све до Стамбола“ од академикот Фатмир Бачи, каде ќе се одржи и централната манифестација од 20.00 часот.