Нивото на Охридското Езеро продолжува да расте

Од:

Зголемената издашност на подземните извори, изворите на водотоците од сливот на Охридското Езеро, како и топењето на снегот ја усложнуваат хидролошката состојба во регионот, резултирајќи со натамошно покачување на нивото на Езерото.

Нивото на Охридското Езеро според последните потврдени информации е на 694,04 метри надморска височина, што е 29 сантиметри над максимално дозволената кота. Но, реално водостојот е повисок, оттаму што се објавуваат резултатите од мерењата од претходните денови и што резултатите од мерењата се различни зависно од местото каде што се врши мерењето. За енормно високиот водостој зборуваат и граѓаните на Охрид и околните населби, кои велат дека со децении наназад не паметат толку надојдено Езеро.

Високиот водостој на Езерото придонесе за појава на т.н. подземни води, односно избивање вода на места на самото крајбржје, што наместа создава проблеми, најмногу во населбите на крајбрежјето, особено во првиот ред од станбените објекти каде веќе се регистрирани поплавувувања на подземни простории.

Надојденото Езеро „проголта“ голем дел од плажите на источното крајбрежје, а под вода се големи површини во непосредна близина на Езерото. Студенчишкиот канал веќе наместа се излеа од коритото, тревнатите површини на излетничкиот локалитет Билјанини извори се под вода. Студенчишкото блато и тој дел од крајбрежјето во близина на Студенчишкиот канал е претворен во езерце, што е последица токму на избивањето на подземните води.

Водостојот претставува голем проблем за Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро. Поради високиот водостој некои од шахтите на цевководите од системот се под вода, така што доаѓа до мешање на таа вода со отпадните води од фекалната канализација, а колекторот нема капацитет да ја прими сета таа вода.

Реките од сливот на Езерото веќе на повеќе критични места се излеаа предизвикувајќи материјални штети, најмногу на обработливите површини. Кога се работи за водотоците, проблеми се регистрирани на оние критични точки каде секогаш при зголемен водостој се јавува излевање на реките од своите корита.

Издашноста на изворите во регионот е зголемена, а како мерка за намалување на опасноста од излевање се отвораат пропустите на старото корито на реката Сатеска, дел од водите на реката се пренасочуваат кон Црн Дрим наместо во Езерото.

Би можело да ве интересира

Приведен охриѓанец, го фотографирал гласачкото ливче

Катерина Ѓуровски

Работнички од Непал му избегале на газдата од Охрид, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

(ВИДЕО) Пожар во охридската кафеана „Беко“

Горан Наумовски

Ванковска: Сосема нов Устав, затоа што постоечкиот е неупотреблив – дели наместо да сплотува

А1он

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион