„Ниту една повеќе“: Граѓаните бараат крај на насилството врз жените

Од:

Со пораката „Ниту една повеќе“, граѓани денеска ја блокираат зградата на Владата, изразувајќи револт поради, како што велат, непостапувањето на институциите во повеќе случаи на родово базирано и семејно насилство.

Учесниците на протестот бараат итна институционална одговорност, ефикасна заштита на жртвите и конкретни мерки за спречување на насилството врз жените. Тие реагираат на, како што наведуваат, игнорирањето на пријавите, несоодветното постапување на полицијата и релативизирањето на насилството од страна на надлежните институции.

„Гневни и бесни сме на сите кои ја хранат културата на насилство во ова општество, на секое непостапување на полицијата, на секоја пријава која завршува во фиока, на секое релативизирање на насилството како мал престап, на обвинителството, судовите и социјалните служби кои имаат одговорност и обврска да стават крај на монструозното фемицидно секојдневие“, порачуваат граѓаните.

Тие посочуваат дека во текот на годината седум жени биле брутално убиени, додека бројот на евидентирани пријави за семејно насилство бележи раст од 70 проценти, достигнувајќи рекордни 1.897 пријави.

„Доста ни е да живееме во страв во нашите домови, на работните места и на улица! Не смееме да дозволиме секојдневието да продолжи како ништо да не се случило“, наведуваат организаторите на блокадата.

Демонстрантите упатија шест конкретни барања до надлежните институции.

Меѓу нив е итното усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени во Собранието на 26 август, со рок за нивно усвојување до 10 декември 2026 година.

Бараат и финализирање и усвојување на пакетот измени на осум закони, меѓу кои Законот за полиција и Законот за семејство, за кои во април 2026 година била формирана работна група. Целта, според нив, е да се обезбеди поефикасна институционална заштита и подобра координација меѓу полицијата, социјалните служби и правосудните институции.

Дополнително, бараат во Буџетот за 2027 година да бидат обезбедени конкретни финансиски средства, вклучително и најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство, како и превентивни програми за третман на сторителите.

Меѓу барањата се и усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базираното насилство, со јасно утврдени задолженија за институциите, рокови и механизми за следење на нивното спроведување.

Протестирачите бараат и повлекување на измените во законите за основно образование и учебници за основно и средно образование, усвоени во април 2025 година, како и на упатството за заштита од насилство во основното образование и програмата за сексуално образование. Според нив, со овие измени се ослабени заштитата од дискриминација, родовата еднаквост и превенцијата од родово базирано насилство. Бараат и враќање на сексуалното образование.

Шестото барање се однесува на итно утврдување индивидуална и институционална одговорност за сите случаи на фемицид, вклучително и последниот случај со 17-годишната девојка од Богданци.

Со блокадата, граѓаните бараат институциите да преземат конкретни чекори и да обезбедат системска заштита, наместо, како што велат, да дозволат насилството врз жените да продолжи без соодветна реакција.

Би можело да ве интересира

Кривични пријави и приведувања за повеќе случаи на семејно насилство, закани и малтретирање

Горан Наумовски

Росица пријавувала семејно насилство, но полицијата не реагирала – обвинение за девет полицајци

Горан Наумовски

Сиљановска-Давкова: Родово базираното насилство стана епидемија, потребни се итни мерки

Се бара притвор за насилникот од Битола: ја давел, ја удирал со тупаници и шлаканици

Битолчанецот пријавен за семејно насилство се предаде во полиција

Син тепаше мајка, татко со закани кон синот, најмногу напади на сопругите – за едно деноноќие 15 пријави за семејно насилство

А1он