Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска обвини дека Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од 2 мај до 17 септември минатата година не ги спроведувала законските обврски за безбедноста на храната, вклучувајќи го и мониторингот, односно годишната наредба за здравствена заштита на животните.
Како што рече Николовски на прес-конференција, причината за овој пропуст е немањето договор на АХВ во овие пет месеци со Факултетот за ветеринарна медицина, Институтот за јавно здравје и Државната фитосанитарна лабораторија.
Николовски побара одговорност од директорот на Агенцијата за храна Зоран Поповски, но и од ресорниот министер Михаил Цветков.
– Од 2 мај до 17 септември 2015 година не се правеле микробиолошки испитувања, не се анализирало присуството на тешки метали и нитрати во одредени прехранбени производи, ниту се испитувало евентуално присуство на остатоци од пестициди во храната или можни ГМО. Дали во овој период сме пиеле млеко од заразени домашни животни, сме јаделе месо со биорезидуи, домати со пестициди или спанаќ со тешки метали, истакна дополнителниот заменик-министер.
Изнесувајќи официјални документи, Николовски посочи дека за доставените барања за анализи од АХВ на 13 мај 2015 до Факултетот за ветеринарна медицина, резултатите биле готови на 26 ноември или по речиси шест месеци.
На прес-конференцијата беше прикажано и видео на кое сточар од Светиниколско тврди дека од шест кози и една овца во неговото стадо биле земени мостри за бруцелоза на 12 мај 2015, а резултатите од анализите ги добил дури на 5 октомври наместо за една недела како што предвидува Законот.
Анализите покажале дека дел од животните биле заболени што, според сточарот, укажува и на опасноста од ненавременото детектирање на бруцелозата бидејќи во периодот од мај до октомври тој продавал од млекото, но го пиеле и неговите дома.