Иако денеска требаше да се одржи комисиската расправа во Собрание по Предлог законот за амнестија, поднесен по иницијатива на активистката Мери Николова, расправата е одложена без никакво образложение. Николова вели дека Собранието ја одложило оваа точка без да биде наведена било каква причина. Расправата е презакажана за 11-ти ноември, но активистката се сомнева дека власта сака да добие на време да го нападне предлог-законот за јавноста да не го поддржи.
На тоа упатува и фактот што провладините медиуми започнаа остра кампања изминативе денови со прилози и написи за да се потцени важноста од ваков закон. Прилозите одат до таму што ги претставуваат затворите средени и реновирани иако јавноста е запознаена со нечовечните услови во кои живеат затворениците. Ваквиот пристап на дел од медиумите за Николова е знак дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го поддржи законот.
Според неа, партијата не би сакала да се ослободат оние лица за кои постојат сомневања дека се осудени во политички-монтирани процеси.
-Веднаш почнаа со напади и лаги за иницијативата. Сметам дека ова е организирано затоа што провладините кога пукаат не пука еден туку сите заедно. Не може неорганизирано сите наеднаш за истата тема прилог да прават и тој да биде речиси идентичен. Очигледно решија преку медиумите да го нападнат законот. Факт е дека има многу луѓе внатре во затворите кои се спремни на нив да им се одмаздат. Спомнете си за „Керозин“, „Детонатор“, „А1он“, Љубе Бошкоски. Има луѓе по затворите кои лежат доживотно, а кои се невини. Нашето судство е лажно и корумпирано, така и овие луѓе немаат како да си помогнат. Правата и третманот на осудените лица спааѓаат во категорите на човекови права и се регулирани со разни конвенции на Обединетите нации. Кај нас тоа не постои – вели Николова за „А1он“.
Дел од медиумите објавија снимки од средени ќелии, но Николова ни испрати две фотографии од затворите во Шутка и во Идризово на кои затворениците спијат на земја затоа што немаат кревети.
Таа ги демантира обвинувањата дека опозицијата учествувала во собирањето на потписи за Предлог законот да влезе во собраниска процедура.
Десетте илјади потписи, вели таа, се само по заслуга на граѓаните и нејзините поддржувачи, но и на членови од ВМРО-ДПМНЕ кои своеволно се потпишале.
-Сега сакаат да не нападнат дека тоа не било граѓанска иницијатива, дека СДСМ има удел, дека сакаме да одбраниме убијци и педофили. Тоа е толку провидно сценарио. 11.000 потписи не се собрани од општинските организации на СДСМ, туку јас одев на терен и самата агитирав. Бев спремна да ја искинам книшката од СДСМ и на почетокот и сега. Нека знаат дека овде се собрани потписи и од лица членови на ВМРО-ДПМНЕ – вели Николова.
Со предложениот закон за амнестија им се овозможува ослободување на оние што се осудени на шест месеци затвор. Поради пренатрупаноста, вели Николова, многу од нив чекаат да се ослободи место за да влезат и да ја одложат казната.
Законските одредби предвидуваат ослободување и за оние што навршиле 75 години, како и намалување за 50 отсто на казната за оние што се осудени од шест до една година затвор. Николова бара 40 отсто намалување на казната затоа што казнено-поправните домови не ги исполнуваат четирите програми пропишани по европски стандарди како што се: работа, школување, слободни активности и припрема за отпуст.
Предлог законот минатата недела се најде пред Комисијата за политички систем, но беше одложена на барање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои сакаа повеќе време за да го разгледаат текстот. Расправата се одложува по втор пат без никакво образложение. Николова најавува протести почнувајќи од 11-ти номеври доколку Собрението и понатаму го избегнува разгледувањето на оваа иницијатива.
-Ќе закажам протест на 11-ти, следната среда. Доколку и тој ден, по трет пат, ни ги откажат комисиите, започнуваме секој ден со блокади. Кој разбрал разбрал, кој не, нека си чека амнестија од небо! Ги молам сите борци за правда да се здружиме, знам дека ги има многу. Затоа ги молам да сфатат, без борба нема победа, нема правда – порачува таа.
Маја Васева