Николов: Скратете ги непотребните владини трошења за да се обесштетат поплавените граѓани без нови кредити!

Од:

Ова е втор ребаланс на буџетот за 2016 година и се работи на менување на парични средства кои што треба да послужат за обсштетување на граѓаните чии што домови и имоти беа уништени и оштетени од поплавите на 6 август коишто го зафатија скопскиот и тетовскиот регион, рече Марјанчо Николов, претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет во однос на предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2016 година,на седница бр.86 на Комисијата за финансирање и Буџет.

Вие образложивте дека за таа намена на Владата и е потребно зголемување на ставката постојани резерви за некаде 36 милиони евра. И притоа рековте дека дел од парите се обезбедуваат со извесни кратења, а дел се обезбедуваат со зголемување на дефицитот, кој што од 3.6% се зголемува на 4%. И ние како партија и опозиција се сложуваме да бидат целосно обесштетени граѓаните. Но, имаме различно видување за тоа од каде треба да се обезбедат паричните средства кои треба да послужат за обесштетување на граѓаните. Само за илустрација, за да се обезбедат овие 36 милиони евра без да се зголеми дефицитот во Буџетот Владата ќе требаше да се откаже само од 1,2 % од вкупните расходи во Буџетот.

1.2% да скратевте од стоки и услуги, купување на мебел и возила, опрема и машини ќе имаше доволно пари за обесштетување на граѓаните без нови задолжувања. Кога се случува една ваква состојба прв којшто треба да покаже солидарност се државните институции и да се ослободат од својот комодитет.

Вие ги обесштетувате овие граѓани со тоа што ќе ги задолжите повторно.

Погрешна е политиката и начинот на кој што сте се решиле да направите ребаланс на самиот Буџет.

Ние како опозиција имаме предложено 11 амандмани. Со овие амандмани предлагаме во одредени ставки да се скратат вкупно 27 милиони евра со цел да се намали буџетскиот дефицит, а во исто време да се обезбедат пари за обесштетување на граѓаните погодени од поплавите.

Еве од каде предлагаме да се скрати се со цел да не зимаме нови кредити:

Од службата за општи и заеднички работи, од ставката реконструкција и изградба на административни згради на државни органи да се земат 10 милиони евра. Сметаме дека изградбата на барокни згради или реконструкција на зградите на државните органи во барок и редење на статуи, не е приоритет пред обесштетувањето на овие граѓани од поплавите.

Предлагаме да се скратат пари и од Владата на Република Македонија, од ставката економска промоција. Тука предлагаме да се скратат 5 милиони евра. Може да се преживее оваа држава, а уште повеќе Владата ако се откаже од 5 милиони евра од реклами. Граѓаните се презаситени од овие реклами коишто не ја подигнуваат јавната свест, туку служат за поткупување и држење во заложништво на дел од медиумите во Македонија. 5 милиони евра имате кај економска промоција на Владата. Зошто не ја скратите оваа ставка? Затоа што доаѓаат избори? Затоа што треба да се плаќаат нови кампањи?

Друга ставка се однесува на Агенцијата за странски ивенсстиции, економски маркетинг, каде што предлагаме да се скратат 80 милиони денари или 1.3 милиони евра.

Од министерството за транспорт и врски предлагаме да се скратат парите наменети за плажи, на луѓето не им е до сончање. Да се скратат средствата од жичарата и од зградата на министерството за транспорт и врски.

Има пари во постојниот Буџет без да се зголеми дефицитот, без да земаме нови кредити и да ја задолжуваме Република Македонија, а да се обештетат граѓаните од поплавите. Тоа е нашата цел и тоа сакаме да го покажеме.

Зошто не се откажа владата од изградбата на рајскиот парк во Аеродром вреден 15 милиони евра? Државната компанија ЕЛЕМ ги троши овие пари. И тој ЕЛЕМ наместо да инвестира во енергетски објекти, или наместо овие пари да ги пренамени за обесштетување на поплавените, вие упорно не се откажувате од овој објект. Дали е битно во Аеродром да има мајмуни, срни, палми, верверици, вештачко езеро со мостови, бродска куќа, остров за изнајмување, пристаниште, воденица, чешми, плоштад на изгреј сонцето? Тоа ли е побитно кога 5 илјади семејства нема каде да презимат во периодот кој доаѓа? Како ги определувате приоритетите?

Најважната работа од која не сакате да се откажете е Панорамското тркало кое чини 18 милиони евра. За што толку се инситира на овој проект? До таму ли дојде работата да правите вртелешки во Вардар? Им се врти на граѓаните во паметот од Стајковци, не знаат како да се снајдат од поплавите. Зошто овие пари не се пренаменат?

Во поглед на задолжувањето, кредитните агенции го намалуваат рејтингот на Република Македонија. Наредното задолжување ќе не чини поголема камата. Зошто одите да земате кредити кога има пари во буџетот?

Кој ќе го поправи хаосот и нефункционирањето на институциите кои што се покажаа кога се случи оваа трагедија? Кој ќе го поправи однесувањето и каснењето во интервенција на државните органи? Јас мислам дека бројот на загинати ќе беше значително помал, можеби и ќе немаше доколку институциите навреме реагираа и си ги преземаа своите должности.

Поднесовме и закон за измена и дополнување на Законот за извршување на буџетот за 2016 година. Ние бараме на неделна основа да го објавувате списокот на сите граѓани, во чии што домови е извршена проценка на штетата и во чии што домови оштетата е исплатена.

Ова го правиме со цел да спречиме било каква злоупотреба на помошта. Сведоци сме дека и авансната помош од 500 евра се уште не е исплатена, иако денеска поминува една недела од првичниот рок што си го даде владата, дека сите ќе бидат обесштетени со 500 евра. Денеска поминува една недела, а некои граѓани ги нема и на списокот, рече Марјанчо Николов, претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Би можело да ве интересира

СДСМ наредната недела ќе почне со подготовки за отчетниот Конгрес, а потоа и за внатрепартиските избори

Оставки по поразот – И Лукаревска заминува од потпретседателското место во СДСМ

Анита Петровска Рајковиќ

Деспотовски: Пропуштивме огромна шанса да го направиме првиот чекор кој почнува со одговорност од врвот

Орце Костов

Ковачевски го призна поразот: Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар

Анита Петровска Рајковиќ

ВМРО-ДПМНЕ 227.944 гласови, СДСМ 77.658 гласови од 63% обработени избирачки места

Орце Костов

ВМРО-ДПМНЕ со голема предност пред СДСМ, покажуваат бројките на партијата