Николоски: Потпишан Договор за грант од 30,8 милиони евра со ЕБОР за изградба на автопатот Скопје – Блаце

Од:

Автопатот Скопје -Блаце е важен чекор во реализацијата на стратешката визија Македонија да стане клучна сообраќајна крстосница на Балканот. Тој е дел од транс-европската рута 6, која Македонија ја поврзува со Косово, со пристаништата во Албанија и Црна Гора и што го прави значаен во аспект на трговија, бизнис и развој на туризмот, истакна денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на потпишувањето на Договорот за инвестициски грант меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој.
Грант средствата во вредност од 30,8 милиони се обезбедени преку Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ.

„Навистина е убаво кога почнуваат нови проекти и денеска сме на почеток на еден нов проект, а тоа е изградба на едно автопатско решение кое треба да оди по Трансевропската рута 6, која ќе ги поврзе Скопје и Приштина, а понатаму ќе продолжи кон Тирана и Драч, како и кон Бар. Со тоа, кон Скопје се отвора уште едно пристаниште и уште една можност за трговија, бизнис и развој на туризмот“, изјави Николоски.

Тој нагласи дека проектот е конкретна реализација на визијата, што како што рече, поставена од премиерот Христијан Мицкоски во јуни 2024 година – Македонија да ја искористи својата стратешка позиција на Балканот, каде што се вкрстуваат паневропските коридори 8 и 10, како и другите регионални транспортни правци.

„Без разлика што немаме излез на море, на овој начин државата може да стане стратешки најважна точка на Балканот, преку која ќе се вкрстуваат бизнисот, трговијата, туризмот и економската размена. Токму реализацијата на овој проект е конкретна поддршка на таа визија“, потенцира Николоски.

Тој информираше дека рокот за изградба е четири години, но изрази очекување работите да завршат и пред предвидениот рок.

„Особено ме радува што по долги години, би рекол и децении, игнорирање на домашната градежна оператива, избраниот изведувач е домашната компанија ГРАНИТ. Со тоа покажуваме дека македонските компании имаат капацитет успешно да реализираат големи инфраструктурни проекти“, истакна Николоски.

Вицепремиерот упати благодарност до премиерот Мицкоски, вработените во Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт, како и до Европската Унија и Европската банка за обнова и развој за заедничката посветеност во реализацијата на проектот.

Автопатот Скопје -Блаце е во должина од 10,5 км, претставува инженерски предизвик, каде на трасата ќе се изградат околку четириесетина објекти.

Би можело да ве интересира

ВЛЕН: Пропадна обидот автопатот Скопје – Блаце да служи за приватни интереси

Нов анекс-Договор вреден 186 милиони евра за автопатот Кичево – Охрид

Србин фатен со мигранти на автопатот кај Гевгелија

Автопатот Гостивар – Кичево ќе биде готов во рокот, до крај на 2029 година

А1он

Отстранет е одронот, повторно се вози во двете ленти на автопатот Скопје – Велес

Горан Наумовски

Пешаци претрчуваа на автопат во Хрватска – двајца се мртви, а двајца тешко повредени

А1он