„Никој не не прашува ништо“ – Студентите гневни на мерките за штедење, државата бара од нив да имаат разбирање

Од:

Студентите се гневни на рестриктивните мерки за штедење на електрична енергија во студентските домови со кои им се забрани користење на дополнителни грејни тела и кујнски апарати, а од Државниот студентски дом – Скопје бараат разбирање од нив за кризата.

Според последните задолженија на Владата за штедење на електрична енергија, студентските домови преземаа мерки според кои најстрого се забранува користење на грејни тела во собите и во заедничките простории и користење на сопствени решоа, а во домот “Гоце Делчев“ фрижидерите се ставија вон употреба.

Затоплувањето во домовите во грејната сезона не треба да надминува температура повисока од 20 степени, се редуцира осветлувањето пред влезовите на секој од домовите и лифтовите ќе работат само од 7 до 20 часот од понеделник до петок, односно од 16 до 22 часот за викенд.

– Пуштивме онлајн анкета за да можат сите студенти да си го кажат своето мислење, што им смета и што мислат дека треба да се направи. Со резултатите од анкетата ќе одиме во МОН и ќе бараме решение за да се исполнат минималните услови за живот на студентите. Нас студентите никој ништо не не прашува. Не може да работи само еден лифт во домот “Гоце Делчев“ или само до 20 часот. Пешки не се оди до 14-кат. Има најави дека мерката за користење на лифтови може да се модифицира – истакна за „А1он“ студент и член на Студентското собрание кој сакаше да остане анонимен.

Од Државниот студентски дом велат дека студентите ќе имаат греење до 15 април и топла вода во бојлерите до 30 јуни. Според нив, греењето во „Гоце Делчев“ нема да претставува проблем, а ако парното во домот „Стив Наумов“ не постигнува 20 степени, нема да им се одземаат греалките на студентите и ќе им се остават за догревање.

А, мини-кујните во „Гоце Делчев“ биле исклучени затоа што сите студенти сместени таму имаат загарантиран три оброци плус ужина.

„Цената на енергијата е зголемена за 300 отсто. А и сметките за парно се зголемени двојно. Студентските домови купуваат струја на слободен пазар по 35 денари со ДДВ за киловат-час Резултатот од мерките за еден месец намалена потрошувачка од 18% или разлика од 24,054 киловат-часови. Студентите треба да имаат разбирање за овој проблем со електричната енергија. Мерките ќе важат се додека важи насоката за задолженија од Владата“, одговорија од Државниот студентски дом за „А1он“.

Оттаму додадоа дека од следниот март ќе се реконструираат студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ . Реновирањето ќе опфати реконструкција на објектите во „Кузман Јосифовски-Питу“, трите згради во „Стив Наумов“ и студентските мензи вклучувајќи ја и мензата во „Гоце Делчев“.

.

Би можело да ве интересира

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

За универзален снабдувач прифатена понудата на ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје

Зошто се тактизира со извештајот за избор на универзален снабдувач?

Орце Костов

ДЗС: Струјата во второто полугодие лани поскапела за 8,2 отсто

Дефект на трафостаница ги остави кумановци од центарот на градот без струја

Горан Наумовски

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки