Претставници на граѓанските организации за лица со попреченост и хендикеп го изнесоа револтот од законот за социјална заштита кој според нив не нуди правични решенија за ова категорија граѓани. Најгласна беше Бранкица Димитриевска од Здружението „Хендикеп“ која јасно ги праша пратениците дали знаат колку чини месечен трошок на едно вакво лице. Според неа издвоената сума од 7000 денари е потценувачка и со тие пари не можат да се покријат ни половина од трошоците.
„Значи не знам зошто се лутите кога ќе ви упатат критики, па вие сте избрани од граѓаните сте го прифатиле тоа и ако ова е демократски дом треба да слушнете реални проблеми.Не знам дали сте се запрашале колку чини животот на лице со хендикеп.Ова што правите е срамно“, рече Димитриевска.
Истиот став го дели и Благица Димитровска од Здружението Инклузива и мајка на дете со попреченост.Рече дека инклузивност на вакви лица на хартија нема да ја промени нивната состојба, побара институционална грижа и повисока финасиска подршка за децата со попреченост.
„Ако мене ме прашувате јас би требало да живеам уште најмалку 50 години за да се грижам за мојот син со попреченост. Кога ќе починам, би сакала и тој да почине со мене. На кого ќе го оставам, моето дете, за каква инклузивност зборуваме? Да го оставам на неговиот брат кој има семејство, три деца и да му го упропастам и неговиот живот. Праќам порака дека, доколку сакате да ја подобрите оваа состојба треба вистински да се заложите, зошто вака состојба е загрижувачка“, рече Димитровска.
Ашмет Елезовски од невладината организација Национален Ромски Центар , пак рече дека и да се донесе законот , тој нема да ја смени положбата на сиромашните, затоа што според него праксата покажува дека законите секој си ги толкува како сака.
„ Вие сте пратеници, си имате бенефиции си седите во фотељите, ако работите прекувремено ќе си земете повисоки дневници, имате патни трошоци, и затоа од тука треба да размислите за првата на социјално загрозените и да ги земете во предвид нашите предлози. Кај нас законите се толкуваат по слободна волја. Ќе ви наведам прост пример. Оди социјален рабоник на терен и во маалото ги прашува комшиите, овој има куќа така, има телевизор, и врз основа на тоа кажано не доакажано, прави извешај, не му следува. Па дали тој може да ги јаде ѕидовите и каучот?“ рече Елезовски.
Инаку, јавната дебата следи отако беше поднесено предлог законското решение за социјална заштита како реформа со која според предлагачите ќе бидат опфатени 400.000 граѓани преку различни мерки, меѓу кои зголемување на социјалната помош, право на детски додаток, помош за згрижувачки семејства, социјална пензија.