На расправата за законот за абортус за поголемиот дел од невладините организации за женски и родови права, беа прифатливи измените на законот со кој се либерализира правото на абортус. Со него се дава можност жената да може да ја прекине бременоста од 12 до 22 недела, а после 22 недела со мислење на комисија.
Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет рече дека конечно со ова се укинал еден драконски закон и потсети на штетните последици од кампањата за анти-абортус што ја водела претходната власт. Таа го поддржа и спречувањрто на верските заедници да се мешаат во работите на законодавниот дом, откако нивни претставници и попови беа спречени да влезат на расправата за законот за абортус.
„Жени кои се одлучуваа на абортус беа нарекувани чедоморки. За кампањата и оние страшни спотови кои се вртеа на МТВ беа потрешени 36 милиони денари. Жените го гледаа лекарот кој после абортус кажуваше – штотуку убивте еден живот, а можеше да израсне во прекрасно момче. Ова беше дискиминирачки, се кршеа сите права на жената. Драго ми е што не дозволивте да се вмешаат верски заедници во носењето на законот. Ова е секуларна држава, тука се носат закони, црквите нека си носат нивни закони. Ако сакаат нека ме тужат, но ќе речам – Господ секогаш и бил најголем непријател на жената“, рече Пировска.
Законското решение е прифатливо и за пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова. Таа ги повика пратениците од опозицијата да дадат подршка на законот.
„Не сум била пратеник кога се носел законот во 2013 година. Но, сега имам мижност да поддржам едно решение со кое не им се одзема правото на жените да станат мајки, но и да ја прекинат бременоста дококу не се во можност да го родат тоа дете или од друга причина. Немам точни бројки, но слушнав дека е голем бројот на жени кои токму поради законски пречки абортирале во странството или пиеле непроверени таблети од странство“, посочи Рангелова.
Но има и такви кои не се согласуваат со законот, меѓу кои и Светлана Јованова од организацијата „Срце што бие“. Таа бурно реагираше кажа дека со законот се подржува зло, се убива живот и се труматизира жената.
„Им го одземате животот на неродените деца. Ова ли е животот што го ветувавте. Наместо да се борите тоа дете да се роди и да се даде на посвојување, вие ја упатувате жената веднаш на абортус. Како ќе ја советувате жената што треба да абортира во 20 недела, ќе кажувате дека ќе вадите орган по орган на бебето. Жално е што правите ова“, реагираше Јованова.
„Имам 16 годишен син и го родив на 25 години додека другарките излегуваа по дискотеки, но тоа е мој избор. Немам ќерка, но другите кои имаат треба добро да размислат и да го поддржат законот“, реплицираше на ова Рангелова.
Габриела Димковиќ-Мишевска