Невладината на Боки 13 заклучена

Од:

Во седиштето на невладината организација Меѓународен сојуз, чиј претседател е неформалниот сопственик на „1ТВ“, Бојан Јовановски, долго време не доаѓа никој, велат за „А1он“ вработени од кампусот на Институтот за земјотресно инженерство – ИЗИС, каде што е сместена невладината. Вратите на невладината на улицата „Тодор Александров“ денеска беа затворени.

Пред седиштето, кое се наоѓа на скопско Водно, стојат натписот на невладината, испишан на македонски и на англиски јазик, логото на организацијата и три знамиња, меѓу кои и државното.

Директорот на ИЗИС, Влатко Шешов, за „А1он“ рече дека иако невладината организација е сместена во кампусот на Институтот, сепак тие немаат деловни релации со нив. Шешов појасни дека просториите од кампусот му ги изнајмуваат на Институтот за техничко испитување и безбедносен инженеринг – ИТИ, а дека во дел од тие простории се наоѓа и невладината организација, но релациите меѓу нив не му се познати.

Од ИТИ за „А1он“ појаснија дека управителот бил на годишен одмор и ќе се обидат да го добијат за да одговори на прашањата.

Иако во Централниот регистар, адресата е на скопско Водно, во актот за основање невладината на Боки 13 е регистрирана на друга локација. Тоа е улицата Васил Ѓоргов. Пред зградата на таа адреса се појави портир, кој рече дека никаква невладина организација нема во зградата. Тој објасни дека сме ја згрешиле адресата, т.е. дека, наместо во вториот влез, станот за кој прашуваме е во првиот влез, но дека таму десетина години живее семејство.

На поштенското сандаче, каде што е седиштето на невладината според основачкиот акт, го пишуваше името „Јасна“. Сопственичката на станот рече дека во нејзиниот стан нема регистрирано никаква невладина организација. Кога ѝ предочивме дека во актот за основање на невладината е впишана токму нејзината адреса, рече дека можеби тоа го направила ќерка ѝ.

Во Централниот регистар може да се види дека како основачи фигурираат пет лица: сестрата на апелациската судијка Мери Дика, Агапи Дика, психологот Дијана Белевска, синот на ТВ-водителката Лила Филиповска, Филип Филиповски и Марија Јанковска. Овластено лице на невладината организација е Бојан Јовановски.

Во Управниот одбор, според податоците на веб-страницата, покрај Бојан Јовановски и неговата адвокатка Светлана Савиќ, се Јасна Мандиќ, Илија Пенов, Катерина Ристиќ, Искра Новаковска, бизнисменот Енвер Малиќи, таткото на градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, Владо, и Ѓорги Калешов. Главен финансиски координатор е Јованка Кухар.

Невладината е основана на 7 јуни 2017 година. Во целите на невладината пишува дека ќе бидат овозможени сервиси и поддршка за едукација, доедукација и сознавање, а во делот на проекти на веб-страницата пишува „во обработка“. Последната активност е меморандум за соработка со Општина Куманово од декември 2017 година.

Бојан Јовановски е осомничен во истрагата на обвинителката Вилма Русковска за тргување со влијание преку шефицата на СЈО, Катица Јанева, заедно со бизнисменот Зоран Милевски – Кичеец.

Медиумите објавија дека невладината биле искористена како покритие за незаконски активности на Бојан Јовановски.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Русковска: Јанева влезе во мрежата на самопрогласениот естраден уметник

Васко Маглешов

Боки 13, по викендот, се враќа во Шуто Оризари, во вторник почнува судењето за „Рекет“

Васко Маглешов

Правобранителот ќе ѝ ги бара 157-те илјади евра на Јанева ако Обвинителството отвори истрага

Васко Маглешов

Финансиска истрага за судиите кои ја пуштија Јанева во куќен притвор, најави Русковска

Васко Маглешов

Катица Јанева не ставила потпис на готова истрага за „Скопје 2014“

Васко Маглешов

Катица Јанева бара апанажа

Васко Маглешов