Нема затворање на границите и по укажувањето на МАНУ дека се шират повеќе нови варијанти на вирусот донесени од странство

Од:

Не се размислува за затворање на границите за да се спречи ширењето на новите варијанти на вирусот Ковид – 19 ниту по анализата на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) која покажа дека во земјава се шират поголем број нови варијанти на вирусот кои претходно не биле присутни кај нас што може да укажуваа дека се донесени од странство.

Од Министерството за здравство немаат конкретен одговор на прашањето дали новите варијанти на вирусот што се шират кај нас се поврзуваат со некој од новите соеви на вирусот.

„Новите варијанти на вирусот Сарсков2 за првпат се детектирани во нашата земја. Комисијата за заразни болести ја следи епидемиолошката состојба во земјава, засега нема одлука за нови препораки, за измена на мерки за заштита од вирусот Ковид 19“, велат од Министерството за здравство.

Во неделниот извештај кој беше објавен денес, Институтот за јавно здравје извести дека последните анализи на МАНУ откриле поголем број нови варијанти на вирусот кои ги немало претходно.

„Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број нови варијанти, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на внес на нови случаи на КОВИД-19 од странство“, соопшти Институтот за јавно здравје.

Ниту МАНУ ниту Институтот за јавно здравје не дадоа подетални информации во врска со утврдените нови варијанти на вирусот.

Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во Клиниката „Жан Митрев“, кој го утврди првиот пациент со британскиот сој на вирусот во Македонија вели дека постојано се наоѓаат нови варијации на вирусот, но тоа не значи дека има нов сој.

„Нови варијации на вирусот постојано се наоѓаат. Има листа на 5-6 варијанти на вирусот во Македонија. За да се каже што значат тие, треба подетални информации ти за да се дефинира нешто како сој треба генетските промени што ги носи да водат до нови особини на вирусот“, вели Кунгуловски.

Британскиот сој на коронавирусот кај пациент што бил сместен во Клиниката „Жан Митрев“, Кунгуловски го откри минатиот месец. Последните истражувања покажуваат дека овој сој се шири 70 отсто побрзо и за 30 отсто ја зголемува смртноста.

 

Би можело да ве интересира

МАНУ: Во Македонија постои само една национална академија

ВРЕДИ почна да го реализира планот за албанска Академија, ќе ја финансираат општините со нивни градоначалници

Катерина Ѓуровски

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

Штрајкуваат вработените во МАНУ, бараат повисоки плати

Горан Наумовски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава