Нема успешни локални политики без вклучување и учество на граѓаните

Од:

Граѓаните многу малку или воопшто не се вклучени во креирањето политики на локално ниво.

Ова го покажа интернет анкетата, која НВО Инфоцентар, заедно со локалните партнерски организации: Гласен Текстилец од Штип, Младински културен центар – Битола, Спектар од Крива Паланка, Граѓанска иницијата на жени од Свети Николе и Центар на заедницата на Општина Струга, ја спроведе во шест општини (Крива Паланка, Штип, Свети Николе, Струга, Крушево, Демир Хисар), во рамки на својата програма за активно граѓанство.

Анонимната интернет анкета наменета за граѓаните од мониторираните општини, ги сондираше нивните ставови и перцепции за тоа, дали локалните власти ги реализираат детектираните граѓански приоритети, но и дали ги вклучуваат и консултираат граѓаните за прашања поврзани со локалните политики.

Во анкетата која беше спроведена во текот на октомври, учествувале вкупно 975 лица. Најголем дел од испитаниците или 75% се изјасниле дека ниту еднаш не биле вклучени во креирањето политики во нивната локална заедница. Многу мал дел од граѓаните, 6,5% одговориле дека редовно учествуваат, додека останатите испитаници рекле дека само повремено се вклучени во активности за креирање локални политики.

Речиси половина од анкетираните граѓани (47,3 %) се изјасниле дека никој не ги повикал да учествуваат во некоја активност на општината за креирање локални политики, а 34% одговориле дека не биле информирани.

Повеќе од половината од испитаниците (52%) сметаат дека најсоодветна форма на граѓанско учество се јавните расправи, 33% сметаат дека ефикасна форма за граѓанско учество се и собирите во месните заедници, додека најмалку ефикасни, според испитаниците, се буџетските форуми.

Речиси 60% од анкетираните штипјани сметаат дека најефикасна форма на граѓанско учество се јавните расправи, а потоа собирите во месните заедници. Но, тие предлагаат и други форми на вклучување и директна комуникација со локалните власти, како на пример, формирање канцеларија за прием на граѓани, неформални маалски средби, интернет алатка за испраќање идеи и предлози директно до градоначалникот и др.

Повеќе од половината испитаници од општина Штип никогаш не учествувале во креирањето политики во локалната заедница, а според нивните коментари, една од причините за тоа е партизацијата:

„Се е политички. Веднаш ти наметнуваат мислење и ти велат ако не си со нас, тогаш си против нас.“
„Ако учествуваш во некоја таква форма веднаш те сметаат за партиски човек.“
И за повеќето анкетирани кривопаланчани најдобри форми на граѓанско учество се јавните расправи и собирите во месните заедници. Ниту тие не се многу вклучени во креирањето локални политики:

„Веќе нема потреба од учество, се е однапред решено…“

„Бидејќи таму одат членовите на партиите, а не обичните граѓани.“

За стружани, освен јавните собири, добра можност за граѓанско учество се буџетските консултации на крајот од годината, а за подобро информирање предлагаат печатење општински гласник. И во оваа општина најголем дел од анкетираните никогаш не учествувале во креирањето политики во локалната заедница:

„Никој од граѓаните не е повикан на кој било начин да даде идеи или предлози како да се подобри животот во општина Струга. Анкетава е прво нешто каде сум кажала свое мислење.“

„Однапред се знае се. Мојот глас не придонесува за ништо.“

Ниту повеќето од анкетираните жители на Свети Николe не покажуваат голем ентузијазам за учество:
„Сметам дека не се слуша гласот на народот, зошто би губел време.“

„Со самото тоа што не сум симпатизер ни на едните, ни на другите, едноставно не сум интересен лик за такви нешта.“

Крушевчани освен постојните форми на граѓанско учество, предлагаат и почести анкети за важни прашања за општината, кои ќе бидат спроведени без партиски влијанија и кои ќе дадат релевантни податоци. Дури 81,7% од анкетираните крушевчани се изјасниле дека не учествувале ниту еднаш во креирањето на политиките во локалната заедница. Во своите коментари ја истакнуваат недовербата кон консултативните процеси:

„Затоа што освен партиска нема друга консултативна форма, а партиите ги интересира само број на гласови за избори.“
„Не сум бил повикан, ниту сакам да учествувам во политички оформен собир на лажно подметнати идеи.“
И во општина Демир Хисар висок е процентот на испитаници кои не учествувале ниту еднаш во креирањето на локална политика – 68,5%, а како најчеста причина навеле дека не биле повикани да партиципираат:

„Не ги интересира мислењето на граѓаните.“

„Си викаат само посакувани личности.“

Учеството на граѓаните во процесот на донесување одлуки е од суштинско значење за локалната партиципативна демократија, ја зголемува транспарентноста на општините, а воедно ги принудува локалните функционери да бидат поодговорни во донесувањето и спроведувањето на политиките.

Според Билјана Бејкова, од НВО Инфоцентарот, граѓаните сакаат да бидат вклучени во креирањето локални политики, но уште повеќе, сакаат да бидат слушнати:

„Граѓаните очекуваат нивните приоритети и потреби да бидат вградени во годишните програми и буџети, но очекуваат тие да бидат и реализирани. Граѓаните всушност не сакаат да бидат само декор, туку бараат вистинска и искрена двонасочна комуникација и соработка со општинските власти, како и активно и постојано вклучување во креирањето и спроведувањето на локалните политики.“

Искуството на граѓаните, но и на локалните граѓански организации покажува дека општините најчесто организираат консултативни средби, расправи и форуми со граѓаните кон крајот на годината, во пресрет на донесувањето на годишните програми и на годишните општински буџети. Во текот на годината, јавни расправи и консултативни средби за жителите на општините има многу помалку, а вообичаена форма на комуникација се директните средби на градоначалниците со граѓаните.
Кога станува збор за советите на општините, седниците се јавни и граѓаните може да ја следат нивната работа. Сепак, досегашното искуство покажува дека многу малку граѓани и претставници на граѓанскиот сектор се заинтересирани за присуство на седници на советите на општините. Анкетата на НВО Инфоцентар покажува дека граѓаните, сепак, претпочитаат други форми на вклучување, како што се, јавните расправи, средбите во месните заедници и др.

Жаклина Цветковска, од регионалниот центар Спектар од Крива Паланка, смета дека општините треба да бидат многу поактивни кога станува збор за вклучување на локалното население и речиси секојдневно треба да ја унапредуваат партиципативната демократија на локално ниво:

„На локалните власти им стојат на располагање различни механизми за непосредно учество на граѓаните во креирањето и спроведувањето локални политики. Буџетските форуми со ефикасен механизам, но постојат и други форми кои може и треба да се практикуваат, како на пример, јавните расправи и трибини за важни теми и проблеми во локалните заедници. Ревитализацијата на месните заедници е исто така, исклучително важна алка за унапредување на партиципативната демократија.“

Вклучувањето на граѓаните во креирањето и спроведувањето на локалните политики, не е добра волја на локалните власти, туку тоа претставува нивна законска обврска, нагласува Бејкова. На граѓаните законски им е обезбедено правото да учествуваат во процесот на создавање на јавните политики, а како начини за непосредно учество на граѓаните во Законот за локална самоуправа се предвидени: граѓанската иницијатива, собирите на граѓани, референдумите, јавните трибини, анкетите и др.

Жителите во една зграда, на една улица, во едно маало, најдобро знаат со какви проблеми се соочуваат и какви сервиси им се потребни, нагласува Бејкова и констатира дека токму заради ова, нема успешни локални политики доколку тие не ги адресираат реалните потреби на граѓаните. Исто така, нема успешни локални политики доколку во нивното осмислување и реализирање не учествуваат граѓаните.

Авторка: Маја Јовановска

Прилогот е подготвен со поддршка од Европската Унија во рамките на проектот „Здружени за активно граѓанство“. Содржината е единствена одговорност на НВО Инфоцентар и на авторот, и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Би можело да ве интересира

Сообраќајот и водоснабдувањето – најчести граѓански приоритети на локално ниво

Катерина Ѓуровски

Свесноста – најважна алка во заштита на приватноста и на личните податоци

Катерина Ѓуровски

НВО Инфо: Локалните власти да ја зајакнат транспарентноста при трошење на државните пари

Ана Ололовска

НВО Инфоцентар: Случајот Мавровка – потврда за потребата од итни реформи и создавање ефикасен, некорумпиран општински инспекциски надзор

Ана Ололовска

Граѓаните не знаат каде и како можат да му се обратат на Народниот правобранител

НВО Инфоцентарот бара одговорност за нарачателите и спроведувачите на неоснованите истраги против граѓанските организации

Наум Локоски