Владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ гласаше против продолжувањето на рокот на важење на пасошите. Н денешната пленарна седница за предлог Законот кој го поднесе опозицијата гласаа само 46 пратеници, а против беа 54.
– Денеска пратениците на ДУИ и нивните слуги од СДС дополнително ја влошија состојбата која свесно и намерно ја создадоа со пасошите.
Нашиот предлог Закон за измени и дополнувања со кои баравме да се продолжи рокот на важење на пасошите издадени со име Република Македонија, а кои имаат важност, беше одбиен од тие што го создадоа проблемот. Одлепеноста од реалноста и несакањето да им се излезе во пресрет на сопствените граѓани кои ги изолираа од останатиот цивилизиран свет е невиден феномен посебно имајќи во предвид дека сме членка на НАТО и сакаме да отпочнеме преговори со Европската унија.
Во 21 век, да ограничувате слобода на движење на луѓе, да кршите Уставни права за влез и излез од сопствената држава, да свесно оневозможувате право на лечење на болни надвор од нашата држава, да го ограничувате правото на секој да може да бира и да биде избран се граничи со лудост. За здрав ум е несфатливо да имаш законска можност да им помогнеш на своите граѓани, да имаш шанса да исправиш проблем кој сам си го создал, притоа истото да нема никакви финансиски импликации, т.е. да не чини пари, и тоа да го одбиеш – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Предлогот што го најави ЛДП, се уште не е распореден до пратениците.
Во настојувањето да се олесни движењето на граѓаните на Република Северна Македонија надвор од границите на државата и проблемите со кои се соочуваат при нивните патувања, но и престој во странство, пратениците на Либерално-демократската партија предлагаат дополнување на Законот за патните исправи.
-Предложените дополнувања се насочени кон унапредување на патните исправи и дефинирање на јасни правила за државјаните на земјава, при што ќе се овозможи непречено движење на граѓаните надвор од границите и повторно враќање во истата со поседување на валидна патна исправа, односно патна исправа која содржи печат на Република Северна Македонија со која државата го потврдува идентитетот на лицето и важи до истекот на рокот на важноста на патната исправа, појаснуваат од ЛДП.
Според партијата оваа иницијативата е мотивирана од потребата за доследно почитување на уставно загарантираните права на слобода на движење. Промените се предложени по итна постапка поради нивната значајност за основните човекови права и не пдонесуваат дополнителни финансиски импликации на буџетот ниту на граѓаните ниту пак на државата.