Владата бара од Комисијата за заразни болести (КЗБ) дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација. Таа бара надлежните да ги спроведуваат веќе донесените анти-ковид мерки, како и скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и јавната администрација.
Во очекување на дополнителните анализи, Владата ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети и да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од КОВИД-19, а особено на системот на проверка на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со КОВИД-19 низ ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително.
– Во насока на поттик за масовна вакцинација, Владата ги задолжи сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и јавната администрација, како и да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата, како и правната основа за рестрикции на правото на дежурства, прекувремена работа, службени патувања и други опции за дополнителни приходи за вработените во јавната администрација, извести синоќа Владата по одржаната седница.
Таа ќе ги разгледа и употреби сите реални можности за економски стимулации, но и за рестрикции по однос на финансиски бонуси и друг тип на надополнувања кои се надвор од основиците, со цел да ги мотивира и упати граѓаните кон единствената и најефективна мерка за заштита на здравјето и за спас на сопствениот живот од опасната пандемска болест КОВИД-19.
Во претходното деноноќие беа регистрирани нови 473 случаи на Ковид-19 од направени 2.708 тестирања или 17,4 отсто, што е за половина процентен поен повеќе од максималната позитивност минатата недела, која, според Институтот за јавно здравје се движела од 11,6 до 16,9 отсто, а просечно 14,8. Вчера беа евидентирани и вкупно 18 починати, 14 во претходното деноноќие и четворица пријавени преку системот „Мој термин“ со датум на смрт од претходните денови. Евидентирани беа и 505 оздравени пациенти. Бројот на активни случаи вчера изнесуваше 8.289.
Досега во земјата се направени вкупно 1.458.731 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 213.779, бројот на оздравени пациенти е 197.998, а на починати е 7.492.
Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје и тоа 3845, пред Битола со 673, Прилеп 421, Велес 357, Кавадарци 301, Охрид 274, Куманово 273, Кочани 204 и Штип со 202. Во другите градови бројот на активни случаи е под 200. Дебар е градот кој во моментов нема ниту еден позитивен на Ковид-19.
Досега во државата се вакцинирани 48 отсто од полнолетните граѓани.