Министерот за здравство Венко Филипче денеска посочи дека засега во земјава има само еден случај на инфициран со омикрон сојот на Ковид-19, а епидемиолошката состојба останува стабилна. Дополнителна анализа, како што рече, ќе се направи во текот на следната недела.
– Засега е само тој еден случај на омикрон. Имајќи предвид дека е случај кој што доаѓа од странство, мислам дека треба да се направи дополнителна анализа во текот на следната недела. Сепак, тоа што е присутен во регионот може да значи дека е заради честите комуникации и патувања на нашите граѓани во соседните земји, изјави Филипче по посетата на Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир.
Министерот напомена дека и натаму е прилично стабилна епидемиолошката состојба. Како што рече, нема зголемување на бројот на новодијагностицирани случаи, а болниците и натаму работат без притисок од зголемен наплив на пациенти.
– Следната недела ќе се направи група на тестови кои ќе бидат секвенционирани, но во овој момент нема знаци дека има влошување на епидемиолошката состојбата, посочи министерот Филипче.
Сметам дека сите земји во светот треба да научат да живеат со општите превентивни правила и зголемување на степенот на вакцинација и тоа е излезот од оваа криза. Не може ние за секој еден сој, без разлика на карактеристиките се до оној момент додека не ја влошува ситуацијата, да воведуваме дополнителни рестриктивни мерки, изјави Филипче по посетата на Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир.
Според него, задолжителната вакцинација и мерките за патување и да не се преполнуваат затворените простории се сосем доволни.
– Животот постепено се нормализира, некаде целосно е нормализиран и сметам дека овие превентивни мерки се сосем доволни, изјави Филипче.
Тој додаде дека олеснување за следниот министер за здравство е тоа што нема голем број пациенти во ковид-центрите.
– Замислете да имаше огромен број пациенти и преоптоварени ковид-центри. Сега ковид-центрите не се полни зошто нема пациенти, нема приеми ниту во ковид-центрите во Скопје, ниту ширум државата. Во огромен број од инфективните одделенија практично нема хоспитализирани, рече Филипче, посочувајќи дека десетина инфективни одделенија се празни.
Дел од пациентите кои се дијагностицирани, вели министерот, се праќаат на домашно лекување зошто имаат полесна клиничка слика.
– Ситуацијата е прилично мирна, Комисијата за заразни болести ќе ја прати ситуацијата и ако има потреба, секако ќе се предложат мерки, рече Филипче.