Нема крај на политичката криза доколку Груевски не одговара за обвинувањата

Од:

Како затишје пред бура на политичката сцена може да се толкува тековната недела во која се уште нема никакво активирање на преговорите меѓу политичките лидери за финален договор со кој би се окончала политичката криза. Опозицијата најави радикализација на антивладиниот отпор доколку во следниот период не се постигне договор со кој би започнал процесот за, како што велат, демократизација на земјата.

При тоа опстојуваат на ставот, дека до тоа нема да дојде доколку премиерот, Никола Груевски, остане на власт во транзициониот период за кој партиите се согласиле во договорот од 2-ри јуни.

Во исто време посредниците како Иво Вајгел, предупредуваат на сериозна криза во регионот доколку продолжи нестабилноста во Македонија. Политичките аналитичари и екперти ова го толкуваат како обид на пријателите на Македонија да го привлечат вниманието на повисоките структури во САД и ЕУ да се посветат на решавање на кризата. Нема опасност, велат упатените, во проширување на кризата надвор од границите на земјата, но, посочуваат, постои опасност за самата земја доколку кризата не заврши ова лето.

Според деканот на Правен факултет, Борче Давитковски, опозицијата нема да се впушти во радикализација на протестите, туку ќе биде постигната привремена спогодба која подоцна ќе ја отфрлат и двете клучни страни. Давитковски веќе беше непосреден сведок на таква разврска кога претседаваше со ад-хок комисијата за расчистување на настаните од 24 декември 2012 година. Според политикологот Алберт Муслиу, пак, возможна е радикализација со повикување на граѓанска непослушност, но, додава тој, ваквите чекори можат да предизвикаат општествена состојба од која тешко се излегува.

-Секое непостигнување на договор не носи во непознати територии, кои тешко дека политичките елити ќе можат да ги менаџираат со капацитет што го имаат, и може целта дражава да влезе во нејасна фаза. Хипотетички, ако не се постигне договор верувам дека опозицијата ќе ги радикализира своите дејствија со објавување на нови бомби или можеби со барање на граѓанска непослушност која е позната во демократските општества и која може да постигне резултати. Сепак, не верувам дека сите страни се свесни, но враќањето од граѓанска непослушност е потежок процес. Изнаоѓањето на заедничко решение е сепак најодржливо – смета Муслиу.

Како по обичај, пак, вели професорот Давитковски, и во следниот период ќе гледаме како политичарите седнуваат на заедничка маса и договораат прифатливо решение.

-Како по обичај ќе потпишат договор и „триста чуда“ ќе направат, најверојатно ќе донесат прописи и се што треба, ќе прават избори, ќе глумиме демократија и ќе биде ко што било и до сега. Тоа што по обичај правиме. Знаејќи како работат странците можам да предвидам дека и едниот и другиот ќе отстапат.

Пред две и пол години бев еден од тие медијатори и имам лично искуство. Ќе отстапат и двајцата, ќе направат договор, но на крај ни едниот ни другиот нема да го испочитува договорот. Тоа е проблемот, во Македонија немаме политичка култура и политичка одговорност. Ќе видите, повторно никој нема да го испочитува договореното и најидеален закон и најиделна состојба на медиумите да направиме. Штета само што секој пат други треба да ни кажуваат што е демократија. Секој пат некој друг треба да не влече за уши и да ни каже што треба, иако ги знаеме решенијата, но мора некој друг за после да имаат алиби да кажат дека си останале на своето и дека прифатиле отстапки само поради граѓаните – вели професорот Давитковски.

Очите се сега свртени кон премиерот со оглед дека досегашните рунди на преговори завршија со неуспех затоа што Груевски не го прифатил барањето на опозицијата да се повлече од функцијата. Од Македонскиот центар за европско образование велат дека останувањето на Груевски на власт значи можно продолжување на злоупотребите за кои е обвинет. Муслиу исто така верува дека инкриминираните владини функционери не можат да учествуваат во работењето на преодната влада во наредниот период. Без оглед дали се виновни или не, вели Муслиу, тие имаат политичка одговорност.

-Во секој случај останувањето на влада со која ќе менаџира премиерот, Никола Грувски е можност за влијание врз разврската на сите тие работи кои ги слушаме во бомбите. Во преодната влада не треба да бидат вклучени инкирминираните затоа што има конфликт на интерес. Дури и да немаат вина, со самото присуство во институциите, имаат можност да влијаат врз разврската. Најодржливо решение е она во кое секој ќе одговара за своите постапки, во моменти кога имаме губење на вербата во институциите. Ние можеме да инсистираме на политичка одговорност, без докажување на правната. Одржливо решение е она кое нема да подразбира партиско релфлектирање во таа транзисика владата – смета Муслиу кој порачува дека станува неопходно во проблемот директно да се инвовлираат САД и ЕУ.

Од Македонскиот центар за европско образование сметаат дека меѓународната заедица пробува да го реши спорот по мирен пат, но дека процесот стигна во фаза каде е потребно директно учество на земјите членки на ЕУ и САД. Од таму нагласуват дека ако Груевски остане на власт, продемократското јадро во Македонија не ќе може да просперира.

-Повеќе не станува збор само за политичка борба, туку се работи за политичка одговорност. Не е само конфликт, туку и корумпирана клика на власт од една страна, и од друга страна широк фронт на граѓани неистомисленици. Трите оставки на владини функционери не се доволно, потребно е и клучно Груевски да отстапи. Нема основ човек кој е причина за проблемите, да ја води државата кон излез од кризата. Политичката одговорност кај премиерот мора да биде почетна точка за решавање на кризата. Европската унија не смее исто да ги третира власта и опозицијата во овој случај и треба да ја има предвид штетата од останувањето на Груевски на власт. Евентуалното негово останување значи повторување на злоупотребите – велат од таму.

Решение во стилот на Филе, со што само би се одложила кризата, сметаат од МЦЕО може да биде и најпогубното. По 24 декември опозицијата привремено се врати во Собранието, но тензиите останаа, се зголемија и ескалираа поради што Македонија веќе три години има нефункционален парламент.

-Потребно е како во 2001 година темелно вклучување во преговорите – додаваат од МЦЕО.

Професорот Давитковски вели дека решението на кризата, какво и да биде, ќе биде привремено. Причината за тоа ја гледа во неодговорноста кај политичките партии и во немањето политичка култура, состојба, вели, што е присутна од 91-ва година, и која не може да се надмине преку ноќ.

-Политичките партии треба да сфатат еднаш засекогаш, ако сакаат вистинска демократија, дека треба да бидат основани на демократски принципи. Тоа е основно прашање кај нас. Ниедна партија не е основана на демократски принципи и нема внатрешна политичка демократија. Тоа се одразува на централно ниво како на партиско. Од 1991 до сега тоа се рефлектира на државата. Доколку имаме демократија во партиите, тоа ќе биде и на државно ниво – посочува тој.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Русија би можела да остане без банани

А1он

Груевски: Македонија станува протекторат, народот прави црни листи на избори, а не други држави

Врховниот суд пресече за „Плацеви на Водно“ – за Груевски останува казната од Апелација

Османи: Груевски треба да биде во Македонија и тука да се соочи со правдата

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески

Отец Оливер Петровски: Околу 700 000 луѓе имаат само еден оброк во текот на денот, половина се деца

А1он