Нема играње со трпението на моќта

Од:

Има едно непишано правило во мојата професија. Но истовремено, тоа е и животно правило.

А тоа е следното – ако не се знае одговорот на она што се поставуваш како прашање, или како теза, истото и воопшто не треба да се поставува, затоа што на тоа прашање, или на поставената теза, секогаш постои веројатноста некој да праша – „Зошто е тоа така“. Е на тоа „Зошто е тоа така“ – треба да се знае одговорот.

На тој начин, во изминатиов краток период слушнав редица ставови дека со овој Договор помеѓу Македонија и Грција ќе се изгубела Државата; ќе се изгубел идентитетот; ќе се изгубел јазикот; дури слушнав и став дека ќе се изгубел суверенитеот на Државата.

Во тие редица ставови, не слушнав ниту еден аргумент зошто ќе се изгуби Државата, што е тоа што ќе го изгуби идентитетот на граѓанинот како Македонец или јазикот кој сега се говори, а за губењето на суверенитеот, не можам да најдам никаков одговор, освен дека се работи за напишан текст и даден некому да го прочита без и самиот да знае што е стоа Суверенитет и како се добива и како се губи.

Од тие причини не можам да се потпрам на ниту еден од овие ставови, од причина што сите се без своја завршница, сите се без свој заклучок, а на став без понуден одговор, не може да се гради став, а уште помалку граѓанинот да има верба во таквиот став.

Во претходната колумна ги споменав придобивките од овој Договор, а децидно ги истакнав значењето на поимот – МАКЕДОНЕЦ, кој за прв пат со еден меѓународен Договор ќе опстојува во Обединетите Нации, како и за јазикот – МАКЕДОНСКИ, кој ќе стане официјален јазик во ОН и во ЕУ. Од тие причини овие прашања нема повторно да ги елаборирам.

Ќе се обидам во најкратки црти, наместо придобивките, да ги посочам моите видувања за негативните импликации во случај на неуспешен референдум:

1. Преговорите за името ќе завршат.

Тоа го потврди медијаторот Нимиц дека со ова се повлекува од решавање на спорот.

Медијаторот Нимиц е претставник на ОН, што потврдува дека ОН се повлекуваат од решавање на овој спор.

ОН се единствената организација која може официјално да го реши и да го признае овој спор, а која во овој момент и со овој Договор, не признава како МАКЕДОНЦИ, со признат јазик МАКЕДОНСКИ, со признати граници во нивната сегашна состојба, со признати кодови МК и МКД (освен за регистрарските таблици на автомобилите), со суверенитет кој го има секоја современа држава – членка на ООН и секоја Држава од ЕУ.

2. Ќе останеме Република Македонија?

Интерпукцискиот знак „?“ не е грешка во пишување.

Тоа е прашање – за кого ќе останеме Република Македонија?

Одговорот е – за самите себе.

Ќе останеме Република Македонија призната од самите себе, а изолирана од целиот развиен свет.

Држава без признат народ – Македонци.

Држава без признат јазик – Македонски.

Држава без свое име во меѓународните организации, во кои сега сме запишани како Бивша Југословенска Република Македонија.

3. Република Македонија призната од повеќе од 140 земји?

Повторно, интерпукцискиот знак „?“ не е грешка во пишување.

Признавањето на Република Македонија од повеќе од 140 земји е признавање направено со билатерални договори помеѓу Република Македонија и секоја од овие повеќе од 140 земји.

Таквиот Договор е необврзувачки Договор и секоја земја може кога и да посака (пример при промена на владеачка структура) да донесе одлука дека се повлекува од таквиот Договор и да посочи дека од моментот на донесување на таквата Одлука, Република Македонија за таа земја станува Бивша Југословенска Република Македонија.

Нема меѓународен елемент, ниту во меѓународната политика, ниту во меѓународното право, кој може да ја спречи секоја од овие 140 земји да отстапи од Договорот.

Со тоа, од повеќе од 140 земји, можеме да се сведеме на 14 земји, вклучувајки не и самите себеси кои ќе не нарекуваат Република Македонија, но без признат идентитет, без признат јазик, со отворени прашања за признатите граници, со пасоши кои за овие граѓани Европската Унија ќе остане мислена именка и блиндирана врата за влез.

4. Нема играње со трпението на моќта.

Во услови кога Соединетите Американски Држави јасно укажуваат дека со ова преговорите завршуваат, во услови кога тоа го порачуваат и државниците на Државите од Европската Унија, потврдува дека сите тие земји ќе се повлечат и од признавањето на Државата под името Република Македонија.

Тоа е така затоа што трпението е на крај.

Бидејки имам пракса да давам образложенија и примери за она што го пишувам во моите колумни, во кратки црти ќе го презентирам класичниот пример од блиската историја за реизборот за прв човек на ОН – Г-динот Бутрос Гали.

Како прв човек на оваа Организација, Бутрос Гали, на крајот на својот мандат најавуваше дека нема повторно да се кандидира за оваа функција.

Тоа како такво беше прифатено од државите членки, посебно од Соединетите Американски Држави.

На истекот на рокот за доставување кандидатури, без никаква најава, Г-динот Бутрос Гали повторно се кандидираше за функцијата.

Гласањето во Советот за безбедност при ОН заврши со 14:1 – 14 гласа ЗА, 1 глас ПРОТИВ.

Гласот ПРОТИВ е на САД, кои ставија Вето на ваквото гласање (произлеено од нетрпението од ваквото постапување), па закажано е ново собрание за повторно гласање.

Во периодот помеѓу двете собранија, се вклучува машинеријата на моќта.

Новото гласање завршува со 15:0 – 15 гласа ПРОТИВ, ниту еден глас ЗА.

Истото ќе се случи и со сите 140 земји кои не признале под Република Македонија, за кои преку ноќ ќе станеме Бивша Југословенска Република Македонија.

Заради тоа, нема играње со трпението на моќта, или ќе бидеме Држава призната од сите, со меѓународен Договор запишан и заверен во официјалните документи на ООН, со признат идентитет – МАКЕДОНЦИ, со признат јазик -МАКЕДОНСКИ, со признати кодови – МК и МКД (освен на регистрарските таблички на автомобилите), со признати и обезбедени граници во нивната постојна состојба.

ИЛИ ќе бидеме Држава призната од самите себе, без признат идентитет, без признат јазик, без признати патни исправи, со затворени граници за нас и нашите поколенија.

Тоа јасно го искажаа сите Државници на сите релевантни Европски и светски сили, вклучително и Соединетите Американски Држави.

Изборот е на граѓанинот.

Адвокат – М-р. Стојанче Геровски

Би можело да ве интересира

Ирска на референдумот одлучува за уставната идеја за семејството и улогата на жената во домот

Од рудник за бакар до позелена иднина: Животно патување на еден геолог

Катерина Ѓуровски

Пет години од референдумот за Договорот со Грција

Словачкиот референдум не успеа поради слабата излезност

Џафери не ја добил референдумската иницијатива за францускиот предлог: Ќе ви кажам кога ќе одговорам

Кристијан Ландов

Нема да има референдум, Џафери го одби Мицкоски

Ана Ололовска