Цените за влез во скопската Зоолошка градина остануваат непроменети, иако в.д. директорот Драган Илиевски побара поскапување на влезниците. Илиевски ги замоли советниците да гласаат „за“, но овој предлог не помина. Наместо тоа, се започна дискусија дали в.д. директорот може да менаџира со Зоолошката, поради тоа што, тој не е вработен таму, а Статутот налагал да мора да има работен однос. Илиевски сметаше дека со покачување на влезницата, ќе се подобри благосостојбата на животните.
„Јас би ве сакал да ве замолам, и ќе повторам во кој дел, дека овие приходи кои директно влијаат и се на сопствена сметка на ЗОО-Скопје, од која, во 80 отсто, наменски ги троши за здравјето, исхраната, грижата на животните. И би ви бил благодарен да го изгласате“, рече в.д. директорот.
Претседателот на Комисијата за култура, Страшо Ангелески, пред советниците посочи и друг начин за финансирање на Зоолошката градина.
„Бевме свесни дека се потребни повеќе средства. Ние се мислевме дали преку почекување на цената на влезницата или преку субвенции. Со покачување на цената ќе бидат на грбот на оние кои ја посетиле, а со субвенции на сите граѓани. Како поприфатлива е варијантата да се смени ценовникот“, претседателот на Комисијата за култура, Страшо Ангелески.
Сепак, профит од Дино паркот кој го отвори ексградоначалникот Петре Шилегов, според в.д. директорот на ЗОО-Скопје – не може да има.
„Пикот го достигнал во првите четири месеци. Вториот дел, останатите осум месеци, Дино паркот е многу слабо посетен. Пробавме варијанти да се наплаќа Дино паркот од внатрешна страна, немаме основ, од причина што, бруто платите кои ги даваме и она што го гледаме во извештаите нема економска логика“, Драган Илиевски в.д. директор на ЗОО-Скопје.
Советничката од СДСМ, Љубица Јанчева, се интересираше за тоа дали Илиевски е законски поставен како вршител на должноста директор.
„Дали има или нема економска логика имаме менаџер на институцијата. Дали ова беше директорот? Дали директорот е вработен во ЗОО-Скопје?“, праша советничката Јанчева.
„Извинете, мој пропуст. Драган Илиевски, в.д. директор на ЗОО-Скопје при Град Скопје“, се претстави тој.
„Да, но не сте вработен во ЗОО-Скопје. Па сакам да Ве прашам дали го знаете членот 30 од Статутот кој вели дека в.д. на јавните културни установи треба да е од делот на вработените“, констатираше Јанчева.
„Ќе ви одговорам писмено“, кажа Драган Илиевски.
Откако претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски, се насмеа на одговорот, советничката Јанчева дополни: „Три закони кршите“.
Измената на цените на билетите во Зоолошка градина не поминаа, бидејќи „за“ гласаа седум советници, 8 беа „против“, а 2 беа воздржани“.