Состојбата на новороденчето кое пред неколку денови беше оставено во двор на куќа во Арачиново со пресечен јазик и модринки по вратот и телото се уште е неизвесна. Институциите ќе направат се тоа да ја добие сета потребна грижа, изјави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски
– Во овој момент лекарите од Детската клиника каде се наоѓа бебето не можат да предвидат како ќе се развива неговата состојба. Имено, постои можност детето добро да напредува, да се санираат последиците од грозоморниот чин, но исто така постојат и се уште исклучително високи ризици со животна опасност по детенцето, бидејчи се уште не се знае колкав е степенот на оштетување на мозочето на бебенцето. Станува збор за состојба која што не можеме да ја предвидиме, рече Ристовски.
Во комуникација со Детската клиника, додаде Ристовски, ќе се следи здравствената состојба, развојот на детето и нормално доколку биде се како што треба во поглед на неговиот правилен развој понатаму ќе следат сите други институционални форми на заштита и негово згрижување, со оглед на тоа што тоа најверојатно е оставено таму од своите биолошки родители.
– Истрагата е во тек. Надлежните институции си го спроведуваат својот дел од обврските. Сепак, нам како Министерство на труд најбитно е да успееме заедно со Министерството за здравство и Детската клиника да се стабилизира здравствената состојба кај новороденчето, а понатаму ќе му биде дадена целата грижа што му следува од државата, додаде министерот за труд и социјална политика.
Новороденчето беше оставено во двор на еден жител во Арачиново, кој го пријавил случајот во полиција. На бебето му бил отсечен јазикот и имал модринки по вратот и телото.