Не се одземени ингеренциите на ниту една општина за управувањето со отпад, велат од Владата

Од:

Владата денеска соопшти дека досега не ги одземала ингеренциите за управување со отпадот на ниту една општина во држвава и потенцира дека до започнување на функционирањето на јавното регионално претпријатие „ЗЈП Русино/Полог“ и проектните активности за изградба на Русино во стандардна депонија со сите пропратни заштитни мерки согласно законот, обврската за оперирање со постоечката локација во Русино е сè уште надлежност на Општина Гостивар и ЈКП Комуналец од Гостивар.

Надлежноста и обврските за собирање, селектирање, транспорт и депонирање на комуналниот отпад, како и одржување на нестандардните локации за отстранување на отпадот се на единиците на локалната самоуправа, односно општините, соопшти владината прес-служба.

-Законот за управување со отпадот ја дава единствено можноста Владата на Република Северна Македонија да ја преземе обврската за воспоставувањето на регионалниот систем, доколку општините не го сторат тоа самостојно. Донесувањето на „Одлука за давање согласност“ од страна на сoветот на општината никако не значи одземање на ингеренциите за управување со отпадот, туку се однесува на одлуката за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпадот, односно регионалната депонија и придружна инфраструктура, стои во соопштението.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Владата досега се ангажираа да помогнат во воспоставувањето на системите во сите плански региони преку изнаоѓање на финансиски средства, чие оперирање понатаму сепак ќе биде обврска на општините, здружени преку Меѓуопштински Одбор за управување со отпад и Јавно регионално претпријатие.

За Источниот и Североисточниот регион се обезбедени средства преку ИПА 2 програмата. За Југозападниот, Пелагонискиот, Вардарскиот и Југоисточен регион се планираат средства преку ЕБРД, а за полошкиот плански регион се добиени средства од владата на Швајцарија, наведува Владата.

-Што се однесува до Полошкиот регион, беа обезбедени средства за подготовка на Регионален план за управување со отпадот и Стратешка оценка на влијанието врз животната средина. Во согласност со планот, МЖСПП блиску соработува со Швајцарскиот секретаријат за економски прашања (SECO) за инвестирање осум милиони евра за изградба на централен објект за управување со отпад – регионална депонија за комунален отпад во Русино, на местото на постоечката нестандардна депонија што ќе ги опслужува граѓаните во сите општини во регионот и изградба на две трансфер станици со вкупно инвестициони трошоци од еден милион евра, стои во соопштението.

Владата додава дека до започнувањето на функционирањето на јавното регионално претпријатие „ЗЈП Русино/Полог“ и проектните активности за изградба на Русино во стандардна депонија со сите пропратни заштитни мерки согласно законот, обврската за оперирање со постоечката локација во Русино е сè уште надлежност на општина Гостивар и ЈКП Комуналец од Гостивар.

-Општина Гостивар, преку ЈКП Комуналец од Гостивар има обврска да наплаќа за секој тон депониран отпад кој се одлага на Русино и со тие средства да ја одржува локацијата, со технички услови за заштита на животната средина, спречување на влез на неформални лица, обезбедување од пожари и слично, се посочува во владиното соопштение.

Информацијата на Владата уследи откако по пожарот на депонијата Русино во Гостивар, што значително го загади воздухот градот и околината, градоначалникот Арбен Таравари рече дека тој ангажирал фирма да ја чува депонијата за да не се пали и една за да го изгасне пожарот, но како што вели, веќе две години на општината ѝ се одземени ингеренциите, па поради тоа нема можност да го реши проблемот.

Таравари рече дека Русино е дива депонија што претставува еколошка катастрофа и така функционира речиси 30 години, а две години надлежностите за раководење со неа не се во рацете на локалната самоуправа на Гостивар.

Пред неколку дена се одржа протест на иницијативата „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“ на кој учествуваа околу стотина гостиварци. Таравари го поддржа протестот но истакна дека нивното барање за затворање на депонијата не е возможно и повика на дебата за да се дефинираат наредните чекори.

Би можело да ве интересира

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата

Зошто се одложува изборот на нов универзален снабдувач на струја за домаќинствата?

А1он