Вистинското прашање на кое се чека одговор осум години не е колку потрошила Фондацијата Отворено Општество Македонија (ФООМ), туку колку потрошила Владата за финасирање на медиумите.
За разлика од ФООМ која редовно, на крајот на секоја година објавува јавно колку пари и за што потрошиле, Владата никако да каже колку од парите на граѓаните, им има дадено на одредени блиски медиуми. ФООМ не финансира и не троши пари на граѓаните, и затоа нема ни обврска да се правда каде ги потрошила, иако тоа редовно и транспарентно го објавува. Владата има обврска да дава извештај колку народни пари влегле во медиумите, со оглед дека тоа се пари на сите.
Веќе подолг период трае медиумската кампања против Фондацијата и медиумите кои не се под капа на власта, а сега дури се настапува и со ступидни тези-колку пари потрошила ФООМ и колку патишта и слободни зони можеле да се изградат со парите досега?
Изградбата на патишта е обрвска на државата, а не на Фондацијата, чија цел се развој на демократско општество и човековите права. Без помош на Фондацијата, само десетици новинари досега ќе останеа на улица , откако беа затворени медиумите кои не можеше да ги контролира власта. Колку повеќе потрошила Фондацијата, толку повеќе општеството имало корист-инаку досега Македонија ќе беше во целосен мрак оставена само на медиуми кои чекаат да им се диктираат тесктови од зградата на Илинденска.
Од тука клучно прашање за сите медиуми, а и за тие кај кои се рекламира власта-не колку потрошил Сорос, туку колку пари досега платила Владата за реклами во провладините медиуми и кога оваа сума ќе биде јавно објавена?
Неофицијално, сумата е близу 100 милиони евра, а со овие пари власта наместо да креираа медиуми и новинари на кои по телефон ке им диктира што да напишат можела да креира токму такви проекти од бенефит за сите граѓани. Не само што можеле да се реконструираат неверојатни 390 километри патишта , туку и уште поневеројатни 500 километри наместо досегашните десетина.
Сигурно со овие пари би можело во нездравото здравството освен 100 милиони да се инвестираат дополнителни 100 милиони евра, и наместо да се чека за преглед шест, сега би се чекал барем три месеци. Кога би се употребиле поинаку, ќе имаше помала гужва пред секој контејнер, помалку дупки и кратери по улиците, ќе шетаа посреќни луѓе, немаше да има десетици илјади блокирани сметки. Така ќе се создадеше и навика кај власта дека не секогаш треба да биде фалена и бранета туку како и во секое демократско општество да се научи да трпи критики.
Ако на ова се додадат и милионите за преплатениот проект Скопје 2014 кои сигурно се најмалку 300 милиони евра, наместо бронза и мермер на секој чекор ќе се отвореа многу фабрики, за да не мора сега вештачки да се бришат невработените од Агенцијата за вработување.
Веројатно така и ќе се спречеше бранот на луѓе кои ја напуштаат и бегаат од земјава, но и да се дозакрпеше уште некое училиште, кои сезонава на дождови ја чекаат со понекое легенче меѓу клупите. Сето ова е обврска на државата.
Со оглед дека кампањата против независните медиуми и ФООМ влегува во фаза на хистерија, непотребно е натамошно полемизирање дали се или не, успешни овие медиуми и дали парите биле залудно потрошени.
Доколку не беа успешни, никој немаше со овие медиуми да се занимава, најмалку власта преку нарачани тесктови.
Во обидот провладините медиуми да се наметнат како многу читани, често го презентираат мерењето на агенцијата Гемиус. Во иднина, кога се посочуваат листи на читаност, чесно е да се посочи дека Гемиус на кој се повикуваат не е релевантен. Многу медиуми меѓу кои и А1он воопшто не се мерат на Гемиус и не се наоѓаат на ниедна позиција, откако одбија да плаќаат по минимум 35 евра без ДДВ на месец за да се најдат на листата. Кој има пари, може да си плаќа и да ги објавува листите колку е популарен и читан.
П.П.