Драги Рашковски не е на фотографиите кои се споделуваат на социјалните мрежи и кои се посочуваа како доказ дека ексгенералниот секретар на Владата е во Грција, на Халкидики. Мажот кој е фотографиран е од Скопје и е навреден што е спореден со Рашковски.
„А1он“ го потврди ова откако направи компарација на фотографиите каде се посочува дека е Рашковски, со јавно објавените фотографии на скопјанецот кој тврди дека е на нив. Скопјанецот на социјалните мрежи објавувал фотографии од него и шаторот уште минатата година, а тие се јавно достапни.
„А1он“ го праша скопјанецот дали знае кој го фотографирал тајно и на која локација се направени, но тој одби да одговори. Фотографиите на кои се наоѓа тој станаа вирални и предизвикаа лавина реакции, поради тоа што се тврдеше дека се направени на Халкидики, а Рашковски не смее да ја напушта Македонија бидејќи нема шасош.
Претходно, адвокатот Владимир Доневски за „А1он“ посочи дека е лага објавената информација на социјалните мрежи заедно со фотографијата, каде се тврдеше дека неговиот клиент летува на море.
„Не е точно, лага е. Тој е во Македонија“, одговори адвокатот Доневски на прашањето од „А1он“ дали Рашковски е надвор од Македонија иако е без пасош, кој не сакаше повеќе да коментира.
Ексгенералниот секретар Рашковски за кого се води кривична постапка остана без пасош откако беше ослободен од домашен притвор. Поради опасност од бегство, истиот му беше одземен. „А1он“ праша во Кривичниот суд, дали во меѓувреме му е вратен пасошот како и дали добиле такво барање, но оттаму нема одговор.