Со писмена реакција за најновите случувања се огласи партијата на Руфи Османи.
„ВМРО-ДПМНЕ предводена од актуелниот премиер Никола Груевски, со досега невидена толеранција и сервилност на нивниот коалиционен партнер ДУИ, како што наближуваат изборите се повеќе ја подивува националистичката политика за обезбедување победа со гласовите на фанатиците кои самата таа ги произведе“, реагира Националната демократска преродба.
„Перманентното игнорирање на албанскиот јазик во град Скопје (последен случај – натписите на новите градски автобуси), одлуката за изградба на социјални станови во чисто етнички македонски населени места, нарачка на нови споменици со моноетнички карактер во време кога скулптурите на албанските дејци останаа по подруми и магазини, јасно говорат дека оваа политичка гарнитура го користи ниското ниво на резонирање на дел од македонскиот народ жеден за создавање свој национален идентитет негиран од соседите, жртвувајќи ја благосостојбата и перспективата на граѓаните и водејќи ја државата на работ на економска, социјална и политичка бездна, стои во реакцијата на НДП.
Трајко Велјаноски, велат од НДП, пред да донесе одлука за кратење на платите на пратениците кои ги бојкотираат седниците на Собранието, прво да одговори на прашањето кој е виновен за влечењето на пратеници и новинари на седницата на која се донесуваше буџетот.
НДП нема да ги бојкотира локалните избори, но не се согласува со индиферентноста на власта кон најавата на македонската опозиција за бојкот на изборите.
НДП бара меѓународна асистенција во решавање на внатрешно политички спорови.