Наставничкиот пленум апелира до политичките партии во земјава и до тесното раководство на СОНК да не вршат притисоци врз наставниците кои членуваат во оваа неформална организација.
Пленумот пренесува дека поголем број на членови побарале да бидат отстранети од списокот на поддржувачи затоа што се соочувале со притисоци. Од овие притисоци не биле поштедени ниту нивните најблиски.
Една наставничка и мајка, му пишува на Пленумот дека нејзиното членство го загрозува работното место на нејзината ќерка:
„Ве молам да ми излезете во пресрет, мислам дека ќе ме разберете. Сакам веднаш да ме исчлените од групата, бидејќи моето членство тука, создава проблеми на мојата ќерка која неодамна се вработи.“
Од Пленумот велат дека приврзаниците може да членуваат во која било партија и во кој било синдикат, и дека СОНК е должен да ги штити нивните работнички права.
„Ги повикуваме партиите и тесното раководство на СОНК, да не вршат притисоци врз членовите на Наставнички пленум, затоа што НП не е ваш непријател. Со секој ваш успешен обид под притисок да се исклучи некој наш член, се зачленуваат 5-10 нови членови. Моментално има над 1000 членови кои јавно се објавени на блогот, и голем број кои не сакаат нивното име да биде објавено. Но и да останеме 50 членови, ние ќе ја продолжиме нашата борба за подобро образование“, додаваат од таму.