Бојан Јовановски пресудата од девет години затвор ја дочека со насмевка, без бурни реакции и спектакли какви што јавноста е навикната да гледа од него. Додека судијката Васка Николовска-Масевска ја читаше изречената казна, до клупата позади која седеше Јовановски застанаа стражарите кои го спроведоа од истражниот затвор во Шутка.
Во текот на читањето на донесената пресуда, Јовановски беше со измешани емоции. Тој прво се смееше кога судијката при набројување на марките од брендираните парчиња облека ги грешеше називите, до солзи во очите и намрштено лице кога беше кажано дека ќе се прави и конфискација на неговиот и имотот на членови од неговото семејство.
Неколку клупи зад него седеше и сведокот во „Рекет“, Ана Камчева, сопруга на Орце Камчев. За разлика од рочиштето каде судијката ги опоменуваше да се смират, овојпат, Јовановски не ја ни погледна Камчева. Таа пак, остана до самиот крај за лично да чуе какви казни ќе им бидат изречени на сега осудените, Јовановски и Јанева.
На рочиштето не беше присутна Јанева, која 36 рочишта седеше неколку столици после Јовановски. Таа побара од судот да не биде спроведена од домашен притвор поради лични, семејни и здравствени причини, а барањето и беше прифатено.
Јовановски скоро при секое споменување на брендираната облека која судот оценил дека ја купувал со парите земени од Орце Камчев, ја местеше својата „Версаче“ марама. Тој како и на секое претходно рочиште се појави во брендирана облека, која не му е запленета. На него носеше и портокалови брендирани обувки.
Ескалација во судницата настана кога судијката му даде збор да образложи зошто треба да му биде укината мерката притвор, а тој почна да се надвикува образложувајќи дека парите не се кај него, а Николовска-Масевска побара тој да биде изваден надвор од судницата, но по кратко време да ја промени одлуката.
Револтиран од казната која му е изречена, Јовановски рече: „Овој ден ќе го прогласам како ден на политичка кампања во Македонија, донесовте политичка пресуда“.
Пред заминувањето од салата, Јовановски се поздрави со свои познаници меѓу новинарите. Тој е повторно вратен во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, каде ја издржува мерката притвор, која на денешното рочиште му беше продолжена.