Илија Спасески и Борче Ангелов – двајцата обвинети за претепувањето на Христијан Пендиков во Охрид се осудени на по осум месеци казна затвор за нанесување тешка телесна повреда. Ова го изјави за бугарска БТА адвокатот на Пендиков.
Пресудата е донесена нешто повеќе од две години откако беше закажано првото рочиште за случајот. Тепачката се случи во јануари 2023 година, пред ресторан во Охрид.
Пендиков по нападот заврши со два напукнати пршлени, скршена вилица, испукани ребра и три скршени заби. Беше донесен со претседателски авион на лекување на Воената медицинска академија во Софија, а случајот прерасна во политички скандал и предизвика нови тензии помеѓу Македонија и Бугарија.
Пендиков доби и бугарско државјанство.
Тој тврдеше дека бил нападнат поради тоа што се чувствувал како Бугарин, додека одбраната го оспоруваше мотивот.