Нападот врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице, строго ќе се казнуваат и заканите

Од:

Во иднина нападот врз новинари ќе се третира исто како напад врз службено лице, а ќе се воведат и строги казни и за заканите за напад врз новинари, најави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ, кој додаде дека во иднина обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи.

Маричиќ посочи дека Владата на денешната седница, која сѐ уште е во тек, усвоила повеќе измени и дополнувања на Кривичниот законик, а првите се однесуваат на новинарите. Со тие измени, нагласи тој, се предвидуваат конкретни новини со кои во нашата држава значително се зголемува безбедноста на новинарите, но и медиумските работници, односно снимателите и фоторепортерите. Министерот очекува овие законски измени кои веднаш, како што рече, ќе бидат проследени во Собранието, да бидат усвоени во септември.

Со овие измени, потенцира Маричиќ, ставаме крај на можности за минати пракси неказнивоста за насилствата врз новинарите и кога новинарите беа заплашувани, уценувани, затворани, неформално осудени на живот во постојан страв од политичката и институционална одмазда поради професионалното извршување на својата работа.

За разлика од пред 2017 година, наведе тој, денеска речиси за сите регистрирани попречувања на работата и напади врз новинарите и медиумските работници, од страна на полицијата и надлежните органи се покренати постапки.

И со денешните измени на членовите на Кривичниот законик кои се однесуваат на работата на медиумските професионалци, дециден е министерот Маричиќ, оваа Влада покажува дека има нула толеранција за каков било обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето.

Тој уште еднаш ги повика сите останати институции во државата, обвинителството и судовите, да постапуваат максимално ажурно и професионално за сите случаи на напад или против медиумските работници.

Дополнително, посочи Маричиќ, на владината седница поминале и измените на Законот за граѓанска одговорност, каде што има значително намалување на сумата што ќе ја плаќаат новинарите или пак медиумите, ако евентуално изгубат спор за клевета или навреда.

– Конкретно, новинарите во иднина ќе плаќаат максимални 400 евра за клевета и навреда, за разлика од минатото каде што оваа сум изнесуваше 2.000 евра. За уредниците, со измените надоместокот на штета не смее да биде поголем до 2.000 евра. За потсетување по постојниот закон тој е 10.000 евра. За правното лице пак, од 15.000 се намалува на максимални 5.000 евра. Односно, пет пати намалување за новинарите и уредниците и три за медиумите, информираше министерот за правда Маричиќ.

Во обраќањето до новинарите, тој нагласи дека нивната улога во општеството е огромна.

– За да бидете коректив потребно е да имате максимална законска заштита. Ова за нас е одамна апсолвирано прашање и затоа правиме сè што можеме да ве заштитиме. Овие измени се токму во таа насока. Ако се увиди потреба и за дополнително адаптирање или допрецизирање на законодавството, во иднина тоа ќе го направиме, рече Маричиќ.

На седницата на Владата, усвоени се повеќе измени и дополнувања на Кривичниот законик, на Законот за граѓанска одговорност и утврдени измени и дополнувања или нови законски текстови од повеќе области со цел да ја зајакнат ефикасноста на правдата, владеењето на правото и да се забрзаат реформите во судството.

Би можело да ве интересира

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

Орце Костов

Новинарите летале со Бајден во претседателскиот авион и краделе навлаки за перници, чинии…

Предраг Петровиќ

Извештај за безбедноста на новинарите: Продолжуваат заканите, притисоците и ограничувањата врз медиумските работници

Истражување: Над половина медиумски работници имаат потпросечни плати, во онлајн-медиумите секој трет е пријавен со полно работно време

Повеќе новинари беа убиени во 10 недели војна во Газа отколку за една година во сите други земји

Најмалку 48 новинари загинаа во војната меѓу Израел и Хамас