Цените на 346 лекови, од кои 139 се иновативни, а 207 генерички, од 15 октомври ќе бидат намалени, соопшти во сабота министерот за здравство Никола Тодоров.
Тој појасни дека цените на иновативните лекови просечно ќе бидат намалени за 8,6 отсто, а генеричките за 15,2 отсто, со што споредбено со прометот на овие лекови во 2011 година, вкупната годишна заштеда се очекува да биде 3.800.000 евра.
„Цените се работени транспарентно и очекуваме сите компании во понеделник да аплицираат согласно со Методологијата за одобрување на единствените цени. Станува збор за лекови со соодветни стандарди за квалитет, сигурност и ефикасност и, што е најважно, ќе се одржи присуството на лекови произведени од реномирани фармацевтски индустрии.
– Сето ова покажува дека оваа реформа која ја спроведуваме во делот на лековите во континуитет успешно се имплементира и таа ќе овозможи сериозна заштеда во здравствениот систем што ќе се почувствува од јавните здравствени установи и од граѓаните кои ги набавуваат лековите во аптеките”, рече Тодоров.
Според него, неколку лекови ќе бидат со значително пониски цени, како „Клопидогрел” за најтешко срцевоболни и со прележан инфаркт, кој од 1.500 се снижува на 996 денари.
Цената на „Аторвастатин” за покачени масти се намалува за 70 отсто, за речиси 60 проценти ќе биде поевтин и лекот „Оланзапин”. Од 18 до 40 отсто ќе бидат намалени и цените на некои антибиотици (како „Цефтриаксон”, „Панцеф”…), а ќе се намалат и цените на некои цитостатици.