Во Неготино во тек е изградбата на две тениски игралишта на тврда подлога. Се градат од страна на општината заедно со Агенцијата за млади и спорт. Увид во работите на терен денеска изврши градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов, во чест на утрешниот празник на градот.
– Како што може да се види на лице место, работите на терен се во фаза на напредок. Комплет целата инсталација е поставена, при крај е и оградата. Треба да бидат поставени само уште мрежите. На крајот, на овој фин асфалт треба да се постави акрилната подлога што е карактеристична за овие игралишта на тврда подлога. Тоа е најмодерниот тип на тениско игралиште со тврда подлога, рече Апостолов.
Посочи дека планираат доколку дозволат временските услови, до крајот на месецов, комплетно да бидат завршени тениските игралишта и да бидат пуштени во употреба. Додаде дека поставени се и рефлекторите, комплетната конструкција, па во иднина не само преку ден, туку и во вечерните часови, сите заинтересирани тенисери и рекреативци, ќе можат да доаѓаат на овие тениски игралишта и да играат на тврда подлога.