Дечињата од градинката „Гоце Делчев“ и учениците од основните училишта на територијата на Општина Илинден заедно со претставниците од здружението на граѓани „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, со симболично засадување на неколку дрвца го означија почетокот на годинешната есенска акција за пошумување.
Засадувањето се одвиваше на две локации и тоа во дворот на Модуларното училиште, како и во детската градинка „Гоце Делчев“. Најмладите не ја криеа радост што се дел од 10-то јубилејно садење на садници и со многу љубов помогнаа во засадувањето на дрвцата.
При посетата преставниците од здружението на граѓани „Ден на дрвото“ ги советуваа најмладите како се сади и како потоа се води грижа за садниците, а меѓу гостите беше и музичарот Васко Форти, кој со песна ги анимираше најмладите. Годинава акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ ќе се одржи по 10-ти пат, на 21 ноември, под мотото „Спортски е да се сади“. Општина Илинден веќе петта година активно учествува во акцијата „Ден на дрвото“, а во досегашните девет акции за пошумување на нејзината територија, засадени се близу 1.250.000 садници на површина од 590 хектари.