Одлуката на вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, да му изрече само писмена опомена на министерот за правда Никола Тупанчески наиде на потсмев од стручната фела. Професорката Мирјана Најчевска, за санкцијата која е изречена, напиша „Гонете се бре“. Одлуката на Грковска е опомена да изрече за прекршување на Етичкиот кодекс во делот на комуникацијата со јавноста, но и за лагата и гратисите од ФФМ.
„Ахахахахаха. Писмена опомена. Ахахахаха. А лепенче со пчеличка на рачето му ставиле? Мислам да не се расплаче. Гонете се бре. Која бре верба во власта ја очекувате? Не разбирате дека од главата смрди и од главата треба да почне да владее правото“, напиша Најчевска.
Професорката, колешка на Тупанчески, уште пред два дена, кога министерот призна дека не го платил сам патувањето со што ја излажа јавноста, побара тој да биде разрешен.
„Тупанчески не треба да поднесе оставка. Тој треба да биде веднаш разрешен, а Ректоратот на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ треба да расправа за достоинството на професијата и нарушувањето на етичкиот кодекс на Универзитетот“, посочи Најческа.
Тупанчески и ги доставил податоците кои ги побарала, Грковска му испрати писмена опомена поради недоволната транспарентност кон новинарите односно јавноста. „А1он“ праша, но не доби одговор, дали ќе се побара одговорност и за тоа што прво кажа дека ги платил сите трошоци за патувањето, по што ја промени изјавата и рече дека не платил за чартер-летот и билетот. Грковска не даде конкретен одговор. Двата членови за кои Грковска вели дека нејзиниот колега од Владата не ги испочитувал се однесуваат на односот со јавноста, но не и за примање подароци и делот поврзан со патувањата, кои исто така се врзуваат со Етичкиот кодекс.
Нема конкретен одговор ниту на прашањето до Грковска, дали ова е единствениот прекршок или е само прва постапка. Во членот 17 стои дека носителите на функции не можат да примаат подароци. Односно, во случајот на Тупанчески, тоа може да е во износ и на начин регулиран со Законот за спречување корупција. Во делот на патувањата исто така има ограничувања.
Засега е познато дека министерот Тупанчески не бил поканет, туку сам се интересирал за начинот и условите за да отпатува со чартер-летот организиран од ФФМ. По ова, тие му дозволиле да биде дел од делегацијата, па му дале и карта за на ВИП-трибина. Досега, министерот во две гостувања, не спомена дека претходно имал пракса да патува преку ФФМ или во живо да ги следи квалификационите натпревари на македонската репрезентација. Одговор од ова нема ниту од Грковска, задолжена за спроведување на Етичкиот кодекс.