Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во скопската касарна „Илинден“ додели награди и стимулативни мерки на припадници на Армијата за вложениот труд и остварените резултати во гасењето на пожарите што ја зафатија територијата на Република Северна Македонија.
Со парична награда од 20 илјади денари наградени се 14 лица од воздухопловниот винг при Командата за операции, со 10 илјади денари наградени се 274 лица од Команда за операции, 10 лица од Батаљон на специјални сили и 12 лица од извидувачко – разузнавачки батаљон.
Со три дена наградно отсуство се наградени 228 лица од Команда за операции и 10 лица од Батаљон на специјални сили. Пофалени се 463 лица од Команда за операции, 10 лица од Батаљон на специјални сили и 13 лица од извидувачко – разузнавачки батаљон.
Шекеринска им оддаде признание и благодарност за нивната пожртвуваност и храброст за време на пожарите, кога спасија многу животи, многу имоти и природни богатства, со нивниот, како што потенцира, беспоштеден ангажман во гасењето на огнените стихии.
Знам дека тоа што правевте и жртвата што ја преземавте, истакна таа, не ја правевте ниту за пари, ниту за пофалници, ниту за слободни денови, туку заради Вашиот збор дека ќе служите и ќе сторите се за да ја заштитите државата и да ги одбраните нејзините луѓе.
Како велат, рече Шекеринска, зборот е секогаш нашиот долг, тој не обврзува, не врзува, не дефинира и одредува, понекогаш не издига, понекогаш, како што рече, не треска од земја. Затоа она што го најавивме на денот на Армијата, покажавме дека не е само лесно даден збор, туку оти е обврска што сме ја преземале и знаеле дека ќе се исполни.
Уште еднаш се заблагодари затоа што силно и храбро стоеја кога сите имаа потреба од нивната сила.
– Ниту еден од Вас, сите оние над 700 спомнати од оваа наредба, не помисли да ја предаде обврската на некој друг, никој не помисли да остане со своето семејство и да замижи пред заканата кон граѓаните. Ниту еден од вас не ги чувствуваше болката и уморот, чадот и тежината на задачата, сериозноста на ризикот буквално да се влета во огнените стихии, било како пешадија, било како воздухопловство и секој пат кога доаѓавме некој од нас на терен за да се заблагодариме за пожртвуваноста и да прашаме дали може некако да помогнеме, секој од вас ја кажуваше истата реченица – тоа е нашата задача. Од најлошото спасивте и човечки животи, и куќи, и манастири, воени инсталации. Затоа сме тука денеска, и во име на целата држава да Ви посакаме се најдобро и да кажеме едно големо благодарам, истакна во обраќањето министерката Шекеринска.
Нагласи и повторно им се заблагодари затоа што службата кон граѓаните и државата им е пред се, затоа што беа на сите 13 локации каде пожарите се закануваа покажаа дека се вистински луѓе, со принципи, интегритет, и со многу храброст, војници со цврст карактер и со силна мотивација, лидери, како што рече, кои и дури во најтешкото покажаа дека во нивниот речник не постои зборот откажување.
– На сите нас ни беше чест што можевме во тие моменти да се потпреме на вашата храброст, на вашето присуство на терен и да чуеме од страна на многу граѓани низ цеа држава дека самото присуство на вашата униформа им дало храброст, сила да истраат, утеха и верба дека работите можат да бидат подобри, изјави министерката за одбрана.
Во време кога целата држава е сплотена во тагата во несреќата во Бугарија, Шекеринска повика со едноминутно молчење во нивна чест да покажат уште еднаш дека целата Армија сочувствува со семејствата кои ги изгубија своите најблиски.