Вкупно 25 најдобри матуранти од 21 средно училиште во Скопје (21 со четиригодишно и четворица со тригодишно средно образование) денеска добија награди за првенци на генерацијата за учебната 2011-2015, односно 2012-2015, на деветтата манифестација на Град Скопје „Средба на првиот со најдобрите“.
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски им врачи признанија и парични награди од по 20.000 денари и им посака успех во нивното натамошно образование и кариера.
Трајановски истакна дека целта на манифестацијата е да го афирмира знаењето и училишниот успех на првенците на генерацијата во средните училишта на Град Скопје и да им се оддаде јавно признание за постигнатите резултати.
– Вие со своите успеси и постигнувања се афирмирате себеси, вашето училиште, но и нас, граѓаните на Скопје и на Република Македонија. Праксата покажува дека секој млад човек кој бил првенец на својата генерација гради успешна иднина и достигнува врвни резултати на патот на својот професионален развој. Вие веќе сте ја осознале најголемата вредност и потврда за човековиот развој, а тоа е учењето и знаењето, истакна Трајановски.
Манифестацијата се одржа во Македонскиот народен театар каде што на гостите им беа претставени најдобрите матуранти за оваа година и преку видеопрезентација беше раскажано кои им биле омилени предмети, како го исполнуваат слободното време и која професија би ја избрале. На настанот настапија Сара Мејс, квартетот флејти „Аулос“ и танчарки од клубот „Ритам плус“.