Националната пошта подготвува нов систем за посебно сметководство и алокација на трошоци

Од:

Стартуваа активностите за одредување соодветен систем за посебно сметководство и алокација на трошоци на национапниот оператор Пошта на РСМ. Оваа активност треба да ја подобри функционалноста на поштата како носител на универзалната поштенска услуга во државава и да ја помогне претстојната целосна либерализација на поштенскиот пазар, процес планиран за почетокот на следната година и одложуван петпати досега.

Одредувањето на системот за посебно сметководство и алокација на трошоци, модел за пресметка на нето трошоци на универзалната услуга и модел за политика на цени, беше тема на работилница со која се заокружи твининг проектот за „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за пошти” што се спроведуваше во изминатите 18 месеци со финансиска поддршка од Европската унија.

Директорката на Агенцијата за пошти Билјана Аврамовска Ѓореска за МИА изјави дека примената на системот за посебно сметководство и алокација на трошоците има значителен бенефит и за АП како регулатор и за давателот на универзалната услуга.

Со имплементирање на овој систем давателот на универзалната услуга ќе располага со податоци за остварениот финансиски резултат и реализираните трошоци и приходи во секој сегмент од неговиот комплексен процес, инфраструктура и портфолио на услуги, што е основа за успешно менаџирање и донесување краткорочни како и долгорочни стратешки одлуки.

-Исто така, овој систем ќе му овозможи на давателот на универзалната услуга да развие сценарио, односно да го пресмета нето трошокот за обезбедување на универзалната услуга, што претставува неправеден финансиски товар и кој треба да се надомести согласно регулативата. Овој трошок е резултат на обврските на давателот за почитување на прописите за деновите на достава (пет дена во неделата), квалитетот (роковите) на достава, цените за поштенските услуги и други обврски пропишани во регулативата. Со надоместување на овој неправеден финансиски товар, би требало значително да се подобри целокупната финансиска состојба на давателот на универзалната услуга. Воедно примената на овој систем за посебно сметководство и алокација на трошоците ќе му овозможи на давателот и подобра ценовна политика, базирана на прецизни пресметки и податоци, што, исто така би влијаело позитивно на финансиските резултати од работењето, изјави Аврамовска Ѓореска.

Од регулаторен аспект, имплементирањето на овој систем е исклучително значајно во насока на развивање и унапредување на регулативата, аргументирано потврдување на неправедниот финансиски товар, како и цените на услугите во рамките на универзалната услуга, врз основа на детални, прецизни и реални податоци за реализираните приходи и расходи на давателот на универзалната услуга. Сето тоа, потенцираат од АП, ќе води кон поуспешна и поквалитетна реализација на најзначајните надлежности на регулаторот, како регулација на цените на универзалната услуга и промовирање на конкуренција и развој на поштенскиот пазар.

Со целосната либерализација на поштенскиот пазар Пошта на РСМ треба да го изгуби екслузивитетот во цената на резервирани поштенски услуги што опфаќаат прием, пренос и врачување на пратки за кореспонденција (писма и поштенски картички) како и пратки на директна пошта до 50 грама. И приватните поштенски оператори имаат право да ја извршуваат и резервираната поштенска услуга но по цена повисока за 2,5 пати. Во последните законски измени за одложување на либерализацијата на поштенскиот сообраќај беше наведено дека националниот оператор нема технички можности односно систем за вршење посебно сметководство што детално ќе дава приказ на трошоците за обезбедување услуги, а ценовната политика ќе се базира на претпоставен трошок.

Твининг проектот за подбрување на капацитетите на АП беше спроведен во соработка со Министерството за транспорт, мобилност и урбани работи на Кралството Шпанија и експерти од Поштата на Шпанија.

Како што информираше Аврамовска Ѓореска, покрај определување соодветен систем за посебно сметководство и алокација на трошоци, меѓу рзултатите од твининг проектот се и подобрена регулација на поштенскиот пазар во очекување на целосна либерализација, целосна имплементација на европското законодавство во областа на поштенските услуги, до зачленување на земјата во Европската Унија, препораки за подобрување на постојните процедури, основа за понатамошни активности и развој, зајакната улога на Агенцијата во областа на надзор над поштенските оператори.

Би можело да ве интересира

Штрајкот на Пошта во мирување, се чека Владата за помирувачот да закаже состанок со новиот министер

Анита Петровска Рајковиќ

Поскапени поштенските и курирските услуги

Вработените во Пошта протестираат: Не знаеме кога ќе земеме плата, 2000 вработени ќе останеме на улица

A1on

Еден шеф на еден работник во Пошта: Поштари нема, но администрацијата е преполна

A1on

Двочасовен протест утре во националната Пошта

Горан Наумовски

„Купувајте загубени пратки за само 123 денари!“: На интернет си поигруваат со АД Пошта

A1on