Националната агенција ги прекина проектите вредни 211 илјади евра на фризерницата на Златковски

Од:

Суспендирани се два проекти, а во мирување се ставени три постапки за потпишување на нови договори за грант помеѓу фризерница „В.Е.З Трејд“ и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Одлуката е донесена од новиот директор Марко Ѓоргиески, откако Националната агенција била известена дека против сопственикот на грантираната „В.Е.З Трејд“, Зоран Златковски, е поведена кривичната постапка по поднесена кривична пријава од Управа за финансиска полиција.

Вкупната вредност на суспендираните проекти и не потпишаните договори за грант е 211.600 евра. Тие решенија ќе важат се додека постапката која ја води Обвинителството не добие правен епилог. Проектите за кои Националната агенција засега не потпишува договори се „Бура од иновации – претприемачки предизвици“, „Флексибилна платформа за барање работа“, „Едукација на медиумската писменост во дигиталното опкружување 2“, за кои „В.Е.З Трејд“ во сопственот на Златковски беше грантирана минатата година. Суспендирано е и имплементирањето на два договори за грант. Едниот е од 2019 година и е со вкупен износ од 30.115 евра, а другиот од 2020 година во износ од 33.172 евра.

„Суспензијата на имплементирањето на акцијата согласно потпишани Договори за грант како и постапките за потпишување на Договор за грант согласно Решенија за одобрување на грант за 2020 година ставени во мирување, ќе траат сé до добивањето на резултати од извршената проверка за сторени неправилности од страна на надлежните органи во соработка со Националната агенција“, велат од Националната агенција.

За разлика од одлуката на новиот директор Ѓоргиевски за супспензија, ексдиректорката Димова десет дена пред да биде разрешена од директорската позиција, потпиша налог за исплата на 1.637.296 денари, односно 26.623 евра кон фризерницата „В.Е.З. Трејд“.Исплатата била направена и покрај тоа што претходно Финансиската полиција влезе во Националната агенција, одзеде документи и соопшти дека води истрага за случајот „фризерница“, кој сега го истражува и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Инаку, Лидија Димова се сомничи за сторена измама на штета на средства на Европската заедница и злоупотреба на службена положба и овластување. Зоран Златковски и Александар Гочев, се гонат за измама на штета на средства на Европската заедница. Ана Павлиду се товари за кривично дело несовесно работење во службата. На сите, освен Павлиду, им се одземени пасошите.

Случајот беше покренат откако „А1он“ објави дека скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација. Директорката Димова истражувањето го нарече манипулативно и организиран напад врз Националата агенција за европски образовни програми и мобилност. Преку социјалните мрежи, Димова се обиде и јавно да го дискредитира новинарот, заканувајќи се со тужба, на што реагираа и новинарските здруженија. Тогаш, премерот Зоран Заев ги повика истражните институции да ја испитаат работата на Националната агенција.

Во вториот дел од истражувањето, „А1он“ објави дека ангажирани во проект на фризерницата „В.Е.З. Трејд“ обвинуваа дека сопственикот Зоран Златковски им префрлал пари на трансакциска сметка и  барал да му ги вратат во кеш. Златковски на заедничка онлајн прес-конференција посочи дека никогаш не зел пари во кеш.

Обвинувања на сметка на Димова имаше и од пензионираната благајничка во Националната агенција Ана Павлиду. Таа во интервју за „А1он“ посочи дека ѝ бил вршен мобинг, но и дека соработничка на директорката Димова ѝ се заканувала со убиство.

Фризерницата немало да  го добие грантот од над 60.000 евра во акцијата „202“ доколку проектите биле финансирани според ранг-листата што ја направиле евалуаторите. Кога две апликации биле ставени на резервна листа, а една е одбиена за грант од евалуационата комисија, било прифатено да се финансира „В.Е.З. трејд“. Организација која имала повеќе бодови од „В.Е.З. Трејд“ и не е финансирана со образложение дека има конфликт на интереси ја тужи Националната агенција. И Златковски се поврзува со вработена во Националната агенција, со која во минатото работеле на проекти грантирани од „Еразмус+“, но неговиот проект е грантиран.

Би можело да ве интересира

Македонија треба да врати 2,2 милион евра злоупотребени од програмата Еразмус+

Катерина Ѓуровски

Почна судењето против поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова

(ВИДЕО) Лидија Димова не дојде на првото судење со оправдување за влошено здравје, судијката реагира: Не ми се допаѓа ваквиот почеток!

Кристијан Ландов

Обвинение за Лидија Димова, предизвикала штета од 20 милиони денари со злоупотреби

Кристијан Ландов

Вештачење ги дели Лидија Димова и соработниците од обвинение за злоупотребите во Националната агенција

Кристијан Ландов

Лидија Димова ја тужела Агенцијата со која директоруваше, додека чека Обвинителството да одлучи дали ќе ја гони неа

Кристијан Ландов