На универзитетот во Анкара почнуваат со работа нова македонистичка катедра и нов лекторат по македонски јазик

Од:

Започнуваат со работа нова македонистичка катедра и нов лекторат по македонски јазик на странски универзитет – на престижниот Анкарски универзитет во Турција информира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

Со новоотворената Катедра за македонски јазик и Лекторатот по македонски јазик на Анкарскиот универзитет започнува нова успешна приказна за афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот, на странските високообразовни и научни институции – приказна која е од исклучително големо значење и за нацијата и државата.

– Неизмерни се радоста и гордоста што и Анкарскиот универзитет постанува македонистички центар. И тоа не само со можност за отворање нов лекторат по македонски јазик, туку и со одделна Катедра за македонски јазик, со која македонистиката, веднаш добива поголема важност, односно статус преку кој дополнително се гарантира нејзиното развивање на анкарскиот Факултетот за јазици, историја и географија. Дури и во период кога во глобални рамки се стравува дека хуманистиката, а во нејзините рамки и филологијата запаѓа во криза заради намалениот интерес за студирање, ни се случува зголемување на интересот за македонистиката на повеќе странски високообразовни институции. Но и воопшто во странските културни средини, дотолку што е јасна потребата од воведување македонистички студии и на универзитети на кои претходно македонистиката не била присутна со одделен дел од студиските програми. Особено онаму каде што веќе и има поголем број заинтересирани за изучување на македонскиот јазик, како што е во конкретниов случај, во Анкара, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа и упати благодарност до колегите од Анкарскиот универзитет.

– Од името на МСМЈЛК при УКИМ изразувам неизмерна благодарност до колегите од Анкарскиот универзитет, особено до раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Мелахат Парс, за посветеноста и пожртвуваноста да се случи оваа македонистичка приказна, со која мостовите на соработка, содејствување и пријателство меѓу двата народна и двата универзитета – УКИМ и Анкарскиот универзитет, сега се уште посилни. Ова уште еднаш покажува колку посветени и искрени пријатели има нашата култура во меѓународната академска заедница. Ама, оваа приказна штотуку започнува – верувам дека пред нас се многу нејзини поглавја, кои ќе бидат одбележани и со заеднички проекти и заеднички влог во македонистиката, а посакуваме да бидат одбележани и со податоци кои ќе покажуваат постојано зголемување на интересот за македонистиката. Знам дека заеднички ќе сториме сè да биде така, нагласува Мојсова-Чепишевска.

Директорката на МСМЈЛК при УКИМ, посочува дека лекторатот во Анкара се отвора по речиси 15 години од отворањето на претходно отворениот Лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Риека, но дека не се запира тука.

Раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Мелахат Парс, нагласи дека на Анкарскиот универзитет може да се очекува голем интерес за македонистиката во времето што е пред нас. Таа е уверена дека во соработка со МСМЈЛК при УКИМ ќе се успее Анкарскиот универзитет да стане препознатлив странски македонистички центар од кој ќе произлегуваат кадри што ќе бидат едни од водечките афирматори на македонистиката во светот во времето што е пред нас.

Работата на Катедрата за македонски јазик и на Лекторатот по македонски јазик на Анкаркиот универзитет започна успешно. Вчерашниот прв промотивен час по македонски јазик, на Факултетот за јазици, историја и географија на Универзитетот го одржа лекторот Дарко Темелкоски, а организацијата на настанот беше координирана од раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Мелахат Парс, која со своите залагања изминатиот период и со интензивната соработка со МСМЈЛК при УКИМ ја потврди својата решеност да оствари влог во развојот на странската македонистика. На предавањето, покрај бројните студенти, присуствуваа и членови на Здружението на Турци по потекло од Македонија. Сите заинтересирани да го изучуваат македонскиот јазик. По одржувањето на првиот промотивен час по македонски јазик, лекторот Темелкоски оствари работна средба и во Институтот за турски јазик, литература и фолклор, веќе со подготвеност и конкретни идеи за развивање на соработка.

Инаку, со отворањето на Катедрата за македонски јазик под раководство на проф. д-р Мелахат Парс, во чии рамки е и Лекторатот по македонски јазик на Анкарскиот универзитет, македонистиката веќе е присутна на два водечки универзитета во Турција. Поконкретно, на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, македонскиот јазик, литература и култура се изучуваат веќе 36 години во кои непрекинато работи Катедрата за македонски јазик која сега ја раководи проф. д-р Туркан Олџај, која заедно со раководителката на Одделот за славистика, проф. д-р Емине Инанир и со лекторката по македонски јазик, д-р Габриела Ивановска, успеаја од годинава, македонскиот јазик да го стават на листата јазици што можат да го изучуваат сите студенти на Универзитетот.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Во терористички напад кај Анкара загинаа три лица, 14 се ранети

А1он

Путин ја откажува посетата на Анкара-не оди без придружба од руски воени авиони во Турција

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Големи поплави во Анкара, затворено е метрото, возилата на безбедно се пренесуваат со виљушкари

Горан Наумовски

Маричиќ: Македонскиот јазик е засекогаш вграден во мозаикот на европските јазици, а ние никогаш нема да се откажеме од нашата европска иднина

A1on

Донесен Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе го замени досегашниот стар 25 години

Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси