Царината синоќа на граничниот премин Табановце заплени 30 килограми марихуана, што била сокриена во автомобил со полски регистарски таблични управувано од државјанин на Полска.
Како што информираа во Царинската управа, возилото се пријавило за излез во 19:20 часот, но било селектрирано за детална контрола откако царински инспектори од Одделението за оперативни работи – мобилни тимови, при разговор со осомничениот почуствувале непријатна миризба. Веднаш е пристапено кон детален преглед, при што во вратите, во наслоните на седиштата, како и во задната десна и лева клупа пронајдени се вкупно 60 пакувања облепени со проѕирна фолија наполнети со марихуана што е утврдено со тестирање со тестери за дрога. Пакувањата се со различна тежина од 400 – 800 грама или вкупна тежина од околу 30 килограми.
Во текот на спроведената предистражна постапка утврдено е дека осомичениот на 3-ти овој месец, од Сиков, Полска заминал за Саранда, Албанија каде што стапил во контакт со двајца албански држајвани од кои едниот му обезбедил сместување во неговата куќа лоцирана на плажа. Утрото на 10 септември 2013, осомничениот му ги дал клучевите од возилото на албанскиот државјанин, а возилото му било вратено по неколку часа откако марихуаната била сокриена во него. Осомничениот по кратко време тргнал кон Полска, но истата вечер е откриен од страна на мобилната царинска екипа распоредена на граничниот премин Табановце.
Како што наведуваат од Царинската управа, марихуана со ваков квалитет во големопродажба на нарко – пазарите во Европа достигнува цена до 20 илјади евра, додека на мало би можела да достигне и сума од 120 илјади евра, имајќи предвид дека една цигара од два грама се продава за цена од 20 евра на мало.
Од почетокот на годината откриени се вкупно 18 обиди за пренос на марихуана преку македонската граница, при што се запленети околу 663 кг марихуана.
Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Основно јавно обвинителство во Куманово.