На раце или на грб ги качуваат пациентите по скали во „8 Септември“, расипани лифтовите во поликлиниката

Од:

И пациенти и вработени во Градската општа болница „8 Септември“ се жалат дека немаат како да ги качат за прегледи изнемоштените и повозрасните на погорните катови оти лифтовите во поликлиничкиот дел се расипани. Вработени во болницата велат дека и други лифтови се расипани, но лифтот во поликлиничкиот дел е оној што најмногу го користат пациентите дојдени на преглед. Оставени се сами да се снајдат како да се качат кога ќе ги упатат на погорните катови, а речиси и да нема некој што не бил упатен барем во лабораторијата која е на првиот кат.

„Има некои што ќе успеат да начекаат количка за ги качат повозрасните кои ем болни ем изнемоштени доаѓаат на прегледи. Ги седнуваат во количка па бараат помош за на раце да ја качат количката по скалите. Оние кои нема да најдат количка, на грб ги качуваат, нозете на болните им се влечат по скалите, сликата е ужасна “, вели скопјанка која отишла на преглед во „8 Септември“ и била сведок на мачното качување на пациентите на погорните катови.

Директорот Христијан Костов вели дека пакистанските лифтови, поставени пред 5,5 години се покажале како неквалитетни па ќе ги менуваат со германски

Револтирани се и лицата кои работат во обезбедувањето кои се првите од кои се бара помош за кревање на раце, но и сестрите. Самите кажуваат дека е срамота и греота што болните мора да се измачуваат по скали и велат дека лифтовите се расипуваат многу често.

Директорот на болницата, Христијан Костов, вели дека последниот дефект на лифтовите во поликлиниката е од оваа недела. Едниот го поправиле и веќе го пуштиле во употреба, а на поправка на другиот се работи .

„Сервисерите се тука од синоќа, работат на поправка на лифтовите. Едниот имал мал дефект, го поправиле и го пуштиле уште вчера. Тој е стар 10 години, а на поправка на другиот се уште се работи. Тој е триесетгодишен и имал посериозен дефект. Нарачан е делот кој треба да се замени и за тој велат дека веќе утре ќе биде поправен“, вели директорот Костов за „А1он“.

И во другите делови од болницата има расипани лифтови иако повеќето биле заменети со нови пред 5,5 години. Директорот Костов вели дека новите лифтови се покажале како неквалитетни оти постојано се расипуваат.

„Ставени се пакистански лифтови, со сосема мал квалитет. Во ваква установа лифтовите се преоптоварени, постојано се користат и навистина е нејасно како биле одбрани пакистански лифтови. Ние веќе имаме тендер за нови, германски, лифтови. За еден месец ќе ги замениме пакистанските“, вели директорот Костов.

Поликлиничкиот дел во Градската општа болница „8 Септември“ секојдневно е полн пациенти.

Би можело да ве интересира

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски

Вработувањата на 1.117 лица во здравството не се предизборни, тие веќе работат по клиниките, тврди Ковачевски

Орце Костов

Ристески: Со одбивањето на амандманот од 20 милиони денари за подобрување на условите во Клиниката за радиотерапија и онкологија, власта покажа дека е против здравјето и животите на тие пациенти