На првиот повик за програмата Еразмус+ во 2017-та пристигнати 223 апликации

Од:

На првиот повик за образовната програма на ЕУ Еразмус+ за 2017 година, кој заврши на 2 февруари, до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност пристигнале 223 апликации, што е пораст од 29,5 проценти во однос на првиот јавен повик за оваа програма минатата година, кога пристигнале 172 апликации.

Првиот повик за Еразмус+ во 2017 предвидува распределба на вкупно 3,15 милиони евра, а побаруваниот износ на 223-те апликации е вкупно 8,43 милиони евра. Прифатените апликации кои ќе добијат поддршка ќе бидат објавени на крајот на април.

Предлог-поектите со кои се аплицира се во рамки на формалното и неформалното образование и се изготвени од македонски ученици, студенти, наставници, професори, научници и истражувачи, младински и спортски работници, образовни институции и граѓански организации и здруженија, во соработка со соодветни партнери од други европски земји.

– Најголем дел од нив се проекти за поддршка на високото образование. Потоа, проекти во областа на средното стручно образование, проекти изготвени од гимназии, основни училишта и предучилишни установи и проекти за поддршка на образованието на возрасните и мобилност на младите. Процесот на евалуација е во тек, по што конечната листа со прифатени проекти ќе биде објавена на интернет-страницата на Националната агенција најдоцна до крајот на април, рече на прес-конференција заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Според него, порастот на апликации за речиси 30 отсто во однос на лани се должи на континуираната работа со потенцијалните корисници кои на работилници организирани од МОН и Националната агенција се обучуваат како да ги подготват проектите и успешно да ги поднесат своите апликации.

– Овие наши заложби со интензивно темпо продолжуваат и во наредниот перод, затоа што целиме на 100 проценти искористеност на достапните средства, додаде Ристовски. Информираше дека вкупниот буџет за Еразмус+ за 2017 изнесува рекордни 6,25 милиони евра (распоредени во три јавни повици во текот на годината), што е зголемување за 78,5 отсто во споредба со 2014 година кога Република Македонија стана дел од програмата.

Директорот на Агенцијата Дарко Димитров соопшти дека високообразовните институции на штотуку завршениот прв повик побарале повеќе од 2,2 милиони евра преку 24 апликации, со што ќе може да финансираат мобилност на повеќе од 600 студенти. Во областа стручно образование во Националната агенција се примени 62 апликации, училиштата и градинките поднеле 48, во облста млади се добиени 78 апликации и 11 во сегментот образование за возрасни.

– Преостанува уште еден рок за аплицирање во делот образование, кој е на 29 март и се однесува на стратешки партнерства во образованието – меѓу македонски и европски организации, со цел размена на искуства и добри практики, рече Димитров.

За програмата Еразмус+ во 2017 има уште два јавни повика кои се во тек. Крајниот рок за вториот повик е 26 април, а за третиот 4 октомври. Ристовски и Димитров апелираа до потенцијалните кандидати да подготват квалитетни и конкурентни проекти и да апкицираат за европски финансиски средства. За помош при аплицирањето и за одговори на прашања заинтересираните може да се обратат во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност која на својата фејсбук и веб-страница (na.org.mk) ќе ги објавува сите свои активности.

Би можело да ве интересира

Македонија треба да врати 2,2 милион евра злоупотребени од програмата Еразмус+

Катерина Ѓуровски

Со Еразмус+ до европско образование

Ана Ололовска

Ѓоргиевски: 43 проценти од буџетот на новата Еразмус програма ќе биде наменет за високо образование

Ана Ололовска

Димова: Злоупотреба на 2,2 милиони евра од „Еразмус+“ со наместени тендерски документации

Ана Ололовска

Во Скопје се одржа Валоризациона конференција за програмата „Еразмус плус“

Наум Локоски

Инфо ден на Еразмус плус во Кочани

Наум Локоски