На Бојан Јовановски ќе мора да му се извади желудникот бидејќи состојбата му е сериозно влошена, се вели во најновата медицинска документација која Боки ја добил откако му била извршена гастроскопија информира неговиот правен тим.
На Боки13 на 7. март му била извршана горнодигестивна ендоскопија, гастроскопија, и било предложено да му се изврши оперативен третман – тотална гастректомија со езофаго-јејуно анастомоза, односно целосно отстранување на желудникот.
Правните застапници на Бојан Јовановски велат дека со овој медицински наод се потврдува фактот дека нема услови и можност да се лекува и да се третира во затворски услови, а токму негрижата во затворот допринела драстично да му се влоши здравствената состојба.
Тие велат дека неговиот живот е ставен во сериозен ризик.
„Оттука, потенцираме дека Основниот кривичен суд Скопје веќе цели 4 месеци нема донесено правосилна одлука по барањето за прекин, постапка која по својот карактер и итна, а истовремено судот не презема никакви дејствија и не одлучува по жалбената постапка ниту во разумен рок, иако до судот навремено се доставени сите овие медицински докази и од страна на одбраната се преземени сите расположливи средства предвидени со закон, но за жал, негативната тенденција и тортура кон осудениот Бојан Јовановски е поголема од сите реални факти и законски основи за уважување на барањето за прекин на издржување на казна затвор. Воедно ја информираме јавноста дека на ден 01.02.2023 година поднесено е барање за прекин и до директорот на Управата за извршување на санкциите, кој е суверен во својата одлука и не е врзан со одлуката на судот, но и од овој орган нема сѐ уште одлука“ – се жалат адвокатите на Боки-13.
Тие јавно прашуваат дали системот свесно, организирано и координирано го убива Бојан Јовановски и кому тоа му одговара.
„Кој ќе понесе одговорност за веќе настанатите последици по здравјето и животот на Бојан Јовановски“ – прашува правниот тим на Јовановски и во прилог го доставува специјалистичкиот извештај од извршената гастроскопија.