МЗШВ: Николовски продолжува да изнесува невистини

Од:

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) по вчерашните тврдења на дополнителниот заменик-министер во овој ресор Љупчо Николовски денеска во соопштение наведува дека нема никакви злоупотреби со давањето под концесија пасишта на фирмата „Натурал Фуд ДОО“ Градско.

– Договорот со актуелниот корисник на концесијата е потпишан во 2009 година, кога ги исполнувал сите услови за добивање на пасиштата во селата Долно Чичево и Подлес. Договорот има важност до 2019 година, а во изминатите шест години, корисникот на концесијата редовно ги исполнува сите преземени обврски и секоја година плаќа согласно договорот. Имајќи го тоа предвид, ЈП за стопанисување со пасишта нема никаква забелешка, ниту проблем со оваа фирма чија работа редовно се следи, како што е случај и со другите корисници на концесии. Дополнително, за овој т.н. случај, нема никаква жалба или поплака од трето лице, односно никој не барал дел од пасиштата, кои наводно се злоупотребени, сооопшти денеска МЗШВ.

Кога се во прашање обвинувањата за бројот на грлата добиток, додаваат од Министерството, и да е така како што кажува Николовски, ЈП за стопанисување со пасишта нема причина да реагира во ситуација кога концесионерот го почитува договорот. Во Македонија, посочува Министерството, генерално имаме многу малку стока, а многу слободни пасишта, што е уште еден доказ дека во овој „случај“ е ирелевантна бројката на стоката, односно дека од ништо се прави проблем за дневно политички – партиски игри.

– Од друга страна, Агенцијата за храна и ветеринарство, согласно податоците од Ветеринарниот информативен систем (ВИС), информира дека правниот субјект „Натурал фуд“ доо од Градско со ЕДБ 4004006118445, е регистриран како одгледувач на говеда на 28.05.2007 година а на истото РБО е додадена улога одгледувач на овци/кози на ден 10.07.2008 година. Пописи на животни од видот овци/кози се направени во 2008, 2010, 2011, 2012, 2013, 2014 и 2015 година. Во последните 3 години е направен попис на кози и тоа: во 2013 година на 11.06.2013 година се регистрирани 165 кози, во 2014 година на 29.04.2014 година се регистрирани 138 кози и во 2015 година на 15.05.2015 година се регистрирани 130 кози. Правен субјект „Вондер интернационал -М дооел Скопје, односно Виолета Неделковска, не се регистрирани како одгледувачи во ВИС, наведува во соопштението МЗШВ.

Го повикуваат дополнителниот заменик министер Љупчо Николовски, како што наведуваат, „кога веќе нема идеи за подобрување на состојбите во земјоделството да престане со манипулациите и изнесувањето невистини во јавноста“. Тоа, колку и да се обидува, нема да ги промени фактите кои недвосмислено потврдуваат дека Владата на РМ и МЗШВ работат во интерес на земјоделците без оглед на нивната партиска припадност и што е најзначајно согласно законите, се вели во соопштението од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза