Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во отсуство на креативни идеи во насока на развојот на земјоделството, продолжува со манипулациите, дезинформациите и со клеветите, наведува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во демант на денешните тврдења на Николовски.
Според МЗШВ, министерот Михаил Цветков ниту делел милионски суми на фирмата Силекс Неметали, ниту бил член на Управниот одбор на оваа фирма во периодот за кој зборува Николовски.
– Чистењето на каналите се финансира преку Програмата за рурален развој со што годишно се чистат околу 100 километри каналска мрежа. Кои канали ќе се чистат зависи од доставените барања и елаборати со дефинирани локации и потребни финансиски средства на водостопанските претпријатија, а Управата за водостопанство при МЗШВ врз основа ни тие барања распишува тендер. На тендерот за 2014 година на кој се јавиле 18 економски оператори на јавната електронска аукција учествувале 15, а четири од нив дале најповолни услови односно најниски цени и со нив се склучени договорите, се вели во демантот.
Секое водостопанско претпријатие, истакнуваат од МЗШВ, определува надзор кои на терен ја следи и ја потврдува извршената работа. Сите извештаи за времени ситуации покрај надзорот ги потпишува и изведувачот на работите, директорот на водостопанското претпријатие и директорот на Управата за водостопанство при МЗШВ.
Покрај оваа законска постапка која е спроведена во целост, наведува Министерството, министерот Михаил Цветков пред исплатата на средствата дополнително формираше Комисија за проверка на изведени работи поврзани со чистењето на каналите за одводнување и наводнување во чии состав покрај членовите од МЗШВ има и членови од други надлежни државни институции. – Оваа комисија беше на терен, состави писмен извештај поткрепен со фото документација со што се потврдува дека сите економски оператори ги извршиле активностите согласно условите во договорите, се вели во демантот.
Министерот Цветков, како што информира МЗШВ, веднаш по стапувањето на финкцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство поднел барање до Собранието на АД Силекс, но бидејќи собранието обично се состанува еднаш годишно, Цветков до Државната комисија за спречување на корупцијата доставил нотарски заверена изјава дека не е повеќе член на овој Одбор со што била запазена законската процедура.