Во текот на вчерашниот ден е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 571.392 граѓани, информираат од Министерството за здравство.
Прва доза вакцина вчера примиле 8.808 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 15.574 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.033.584 дози вакцини, а ревакцинирани се 462.192 граѓани.
Со последните бројки 67% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 64% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 60% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 50% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
„Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата.
Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата“, велат од МЗ.