Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 376.793 граѓани, известува Министерството за здравство.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 186.146 граѓани.
Прва доза вакцина вчера примиле 10.179 граѓани, а вчера вкупно се аплицирани 12.352 дози вакцини. Во државата вкупно се аплицирани 219.977 дози вакцини, а ревакцинирани се 33.831 граѓанин. Со последните бројки 43% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина и 33% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, соопштува МЗ.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица и Охрид.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.